Лидерот на Левица и пратеник, Димитар Апасиев информира дека најави дека ќе поднесат законски измени за патни трошоци за пратениците. Ова следува откако во текот на оваа недела пропадна обидот на Левица за ограничување на патните трошоци за пратениците.
-Ок. Чим нејќете да си ги намалите ПАТНИТЕ ТРОШОЦИ како пратеници, веќе следната недела Левица во собраниска процедура ќе поднесе нов предлог-закон за враќање на патните трошоци на РАБОТНИЦИТЕ (оние кои своевремено им ги укина вмровецот Трајко Славески, кога беше министер за финансии, како наводна “оставштина од комунизмот”), објави Апасиев.
Предлогот на пратеничката група на Левица за намалување на патните трошоци на пратениците не успеа ниту да биде ставен на дневен ред, зашто пратениците од власта го бојкотираа гласањето на собраниската седница, иако беа присутни во салата. За предлогот гласаа 23 опозициски пратеници, додека само еден пратеник од ДУИ гласаше против.
Левица поднесе предлог – законот за ограничување на патните трошоци, со цел трошокот да се намали на 6,5 литри гориво на поминати 100 километри (околу 500 денари). Тоа би значело ако некој пратеник патува дневно 200 километри во два правци ќе земе околу 1.040 денари, наместо 3.200 кои ги зема сега за 200 километри.
Одбивањето нивниот предлог воопшто да биде ставен на дневен ред, значи дека останува на сила актуелниот Закон за пратеници, кој предвидува надоместок за користење автомобил во лична сопственост за службени цели во висина од 20 отсто од продажната цена на еден литар гориво, според изминат километар. Тоа значи дека за секои извозени 100 километри, на пратениците им следуваат 1.700 денари, плус патарини.