Најавената промена на државниот грб Левица ја оценува како директен удар врз АСНОМ. Како што соопштија, „на наследниците на Ванчо Михајлов и на следбениците на Џемо Хаса им предочуваме да не си играат со државните инсигнии, затоа што инстантно ќе го добијат народниот гнев на улица“.
Според Левица, со отворањето на темата за промена на државниот грб, премиерот Христијан Мицкоски ја отвори Пандорината кутија, којашто, како што вели партијата, единствено оди во прилог на балистичките апетити на партиите од т.н. албански блок, коишто инстантно побараа промени на сите останати инсигнии.
-Мицкоски отворено го промовира својот ванчо-михајловистички континуитет, каде основен постулат е бришење на симболиката што потсетува на антифашистичкото минато, народно-ослободителната борба и АСНОМ, кои се темелот врз којшто е создадена Македонија! Ова само се надоврзува на анти-асномските политики на ДПМНЕ, кои во 2009 година ја тргнаа петокраката од државниот грб. Потсетуваме дека токму со таа петокрака, македонскиот народ извојува победа против фашистичкото зло, порачаа од Левица.
Владеачките ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН разговарале за евентуална промена на државниот грб. Според премиерот Христијан Мицкоски, во минатото имало договор меѓу неговата партија и ДУИ, додека премиер беше Никола Груевски, во периодот 2014-2015 година.
Мицкоски информира дека ова прашање е отворено и цени дека „ние сме една од двете пост-социјалистички земји кои што се уште го имаат стариот државен грб со мали модификации“.
Сличен коментар денеска изнесе и еден од лидерите на ВЛЕН, Арбен Таравари. Вели дека сме една од последните пост-комунистички земји кои не ги смениле химната и грбот. Порача дека треба да се донесе еден пакет мерки со кој што би се решиле прашањата како што се грбот, химната, формулацијата 20% за албанскиот јазик…
СДСМ најави остро спротивставување на ваквата идеја и употреба на сите демократски средства, додека ЛДП предлага поставување на рисот на новиот грб, како препознатлив вид, карактеристичен токму за нашата држава.
Во јавноста се постави дилемата за нови промени на личните документи кои го содржат грбот. Околу тоа дали граѓаните ќе се изложат повторно на дополнителни трошоци, „Локално“ постави прашање до Владата. Оттаму ни рекоа дека засега не се донесени решенија.
–Ова прашање штотуку се отвори во јавноста. Со оглед на фактот што не се донесени никакви решенија, во овој момент не цениме дека треба да се констатираат какви било состојби, информираа од „Илинденска бр.2“.
Владата со одговор дали ќе ни требаат нови документи доколку се менува државниот грб