Бугарскиот претседател Румен Радев разговараше со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта на маргините на Минхенската безбедносна конференција и истакнал дека земјата не прифаќа измени на договорот со Македонија.
Според Радев, јасно изразената амбиција на земјите од Западен Балкан за членство во ЕУ претставува можност за проширување на просторот заснован на принципите на демократијата и владеењето на правото, со што ќе се зајакне стабилноста на регионот.
Во таа насока, Радев посочил дека се надева оти Македонија ќе го постигне тоа.
„Македонија треба да започне со реално спроведување на европскиот консензус од 2022 година. Бугарија не поставува нови барања за европската перспектива на С.Македонија, но и не прифаќа промени на постигнатите договори, кои се инкорпорирани во рамките на преговорите“, рекол Радев.
Услов за автоматско одржување на Втората меѓувладина конференција со Македонија и втората фаза од почетокот на преговорите на земјата со ЕУ е вклучувањето на Бугарите во Уставот, што за владата на ВМРО-ДПМНЕ е неприфатливо и повлекување од националните интереси, сторено од претходната влада на СДСМ. Според ВМРО-ДПМНЕ, за да има предвидливост во евроинтеграциите на земјата, измените на Уставот треба да стапат на сила дури откако ќе завршат преговорите и земјите-членки ќе го ратификуваат договорот за пристапување на Македонија во ЕУ.