Левица поднесе кривична против заменик-директорот Дранго кој се сликаше со убиена мечка

од Nikola Popovski
53 прегледи

Левица соопшти дека поднела кривична пријава против заменик-директорот на „Македонија Пат”, Сашо Дранго кој се сликаше со убиена мечка. Како што велат од партијата, пријавениот во декември 2024, додека бил на лов, иако како ловец знаел или требало да знае дека согласно Законот за дивечот и ловството трајно е забранет ловот над мечките кои се класифицирани како дивеч под заштита и чиешто ловење е дозволено само со дозвола на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, во исклучителни случаи, а за време на кривичниот настан Министерството нема издадено таква дозвола, но и покрај тоа уловил редок дивеч-мечка и воедно со истиот улов се фотографирал во знак на „триумф“.

За Левица е скандалозно е што директорот сѐ уште не е разрешен од неговата функција.

-Иако и премиерот Мицкоски изјави дека не верува во верзијата која Сашо Дранго ја пласираше во јавноста, сепак пријавениот и понатаму врши јавна функција, со очигледно нарушен кредибилитет и углед во јавноста. Додека новата влада постојано ветува дека никој не смее да биде над законот, очигледно тоа не важи за кадрите на ДПМНЕ; кои “гордо” се сликаат при флагрантно вршење на кривично дело, истакнаа од партијата на Димитар Апасиев.

Левица ја повикува Владата што поскоро да го разреши пријавениот од функцијата заменик-директор на „Македонија пат”, наместо да го штити неговото дивеење.

-Дополнително, иако два месеци се изминати од кривичниот настан, јавноста нема никаква информација дали ОЈО-Битола поднело обвинителен акт против лицето Сашо Дранго. Сето ова укажува дека власта на Мицкоски сака да го забошоти овој случај и нивниот партиски кадар воопшто да не одговора, додаваат од партијата во опозиција.

Функционерот тогаш тврдеше дека тој не ја убил мечката туку како заменик бил повикан за да помогне во нејзино отстранување од пат кај битолско Ротино каде што наводно таа била удрена од возило. Тоа било еден месец пред отварањето на истрагата и тој се сликал со убиената мечка по што се “пофалил” со пленот преку пораки и социјални мрежи. СВР Битола пак соопшти дека за периодот на кој се однесува фотографијата немало никаков пријавен инцидент со прегазено животно на пат. Обвинителство отвори истрага за Дранго кој се уште е функционер.

За случајот, премиерот Мицкоски неодамна рече дека ако се утврди вина, нему нема да му се продолжи мандатот.

-Не сум убеден во точноста на неговата верзија дека случајно нашол утепана мечка на пат, но мораме да најдеме начин, односно ние мораме да ги запазиме процедурите за да дојдеме до решение, а рековме има истрага. Таа истрага ќе се заврши. Доколку, а не сум убеден, повторно ќе кажам, дека тоа што го кажува е така, дека мечката ја нашол на пат и дека сето тоа така се завршило, доколку истрагата констатира и го потврди тоа, се разбира дека неговиот в.д. мандат нема да биде продолжен, кажа претседателот на Владата.

Слични содржини