Мелони: Ќе продолжи депортирањето на илегални мигранти во Албанија

од Milan1
38 прегледи

Италијанската премиерка Џорџија Мелони денеска изјави дека ќе го продолжи планот на владата во Рим за депортирање на илегални мигранти во центрите во Албанија, кој беше спречен од италијанските судии.

„Се надевам дека Европскиот суд ќе го спречи ризикот од загрозување на политиката за репатријација не само на Италија, туку и на сите земји-членки на ЕУ“, рече Мелони на прес-конференција.

Таа нагласи дека нејзината влада е посветена на изнаоѓање решенија за секоја пречка и дека италијанските граѓани бараат да се регулира бројот на нелегални влегувања во земјата, пренесува „Ројтерс“.

„Граѓаните бараат од нас да ја запреме илегалната имиграција бидејќи предизвикува несигурност, недостаток на интеграција и неможност да се гарантира владеењето на правото“, рече таа.

Владата на Мелони изгради два објекта во Албанија за задржување на мигрантите додека се обработуваат нивните барања за азил, но римските судови неколкупати издаваа контра-забрани, по што мигрантите беа вратени од Албанија во Италија.

Поддржувачите на владата ги обвинија судиите за намерно саботирање на еден од политичките приоритети на Мелони како дел од поширокиот конфликт околу плановите за реформирање на правосудниот систем, обвинение кое го негираа претставниците на италијанското правосудство.

Судиите изразија сомневање за усогласеноста на шемата со неодамнешната пресуда на Европскиот суд на правдата (ЕСП), која ја доведе во прашање законитоста на репатријација на мигранти во земји кои се сметаат за недоволно безбедни.

Судот на правдата на Европската унија треба да го разгледа случајот подоцна овој месец.

Слични содржини