ВМРО-ДПМНЕ го прашува СДСМ зошто за 7 години додека беа на власт не го намалија ДДВ-то за струја како што бараат денес. Од владеачката партијата сметаат дека нивните ривали на политичката сцена „со погрешните политики и мерки ја уназадија државата, го осиромашија народот и го уништија животниот стандард на граѓаните“.
За ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ се тие кои ја откочија спиралата на раст на цените.
-СДС се тие кои ги зголемија цените. СДС се тие кои ја зголемија цена на струјата за 50 %. СДС зголемија ДДВ на прехранбените производи од 5% на 10%, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ и додадоа дека за време на владеењето на претходната власт, инфлацијата беше двоцифрена.
Како што стои во партиското соопштение, Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе ги субвенционира граѓаните кои спаѓаат во ранливата група по 1000 денари за потрошена електрична енергија во траење од 12 месеци.
Намалување на Данокот на додадена вредност за електричната енергија од 18% на пет отсто , но и укинување на ДДВ за основните прехранбени производи, односно негово намалување од пет на нула проценти. Ова се предлозите на опозициската СДСМ кои преку законски решенија сметаат дека може да се подобри стандардот на граѓаните.
Како што велат од „Бихаќка“, за сметка од 3.000 денари, заштедата за граѓаните ќе изнесува околу 400 денари месечно.
-Евростат измери дека граѓаните на Македонија плаќаат најскапа струја во регионот. Владата на Мицкоски покажа голема неспособност и незаинтересираност, наместо да им помогне на граѓаните ги остави сами, стои меѓу другото во партиското соопштение на СДСМ.
-ДЗС вели трошоците за живот пораснале за 4,9% проценти, сметките за струја имаат зголемување за 20 до 30 проценти без разлика што цената според регулаторна е покачена за еден. 48 проценти се зголеми цената на парното сето тоа удира на семејните буџети. И сите ние очекувавме врз основа на сите овие анализи кои што се прават дека ќе имаме некаков сет на мерки кои ќе ги понуди владата, а кои што ќе им помогнат на граѓаните, рече вчера Каја Шукова од СДСМ во дебатна емисија.
Владата денеска се очекува да ја разгледа Предлог-одлуката подготвена од Министерството за економија за ограничување на маржите. Одлуката е донесена врз основа на извештајот од Државниот пазарен инспекторат кој покажа дека кај трговците на мало имало над 20 отсто маржа на основните прехранбени производи и над 30 отсто маржа кај средствата за лична хигиена, додека кај увозниците дистрибутери се евидентирани повисоки маржи кои одат дури и до 50 отсто.