Стојановски: Ќе се одржи надзорна расправа за загадувањето, но не за да се фрла гума за спасување на нечија политичка кариера

од Nikola Popovski
34 прегледи

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојановски порача дека ќе се случи надзорна расправа во Собранието за аерозагадувањето, но, во организација со целосно почитување од одредбите на Деловникот. Тој објави документ дека е поднесено барање за таква расправа до претседателот на Собранието, Африм Гаши. Се бара од спикерот да определи матично работно тело кое што ќе одржи расправа за загадувањето во градовите и мерките што се преземаат за заштита на јавното здравје. Според него, ова барање е 99% исто со барањето на СДСМ и Левица, со единствена разлика на тоа што се имаат потпишано 61 пратеник.

-Таа надзорна расправа треба да се заврши со утврдување на одговорност на сите оние кои што изминатите години не направиле ништо за да се борат против аерозагадувањето. Нема да учествуваме во политички организирани расправи кои што треба да му фрлат некому гума за спасување и да му ја спасуваат политичката кариера. Ќе се одржи надзорна расправа која што ќе даде одговори, а нема да отвори прашања и нема да спасува нечија политичка кариера, кажа Стојановски од Собранието.

Пратеникот додаде дека расправата свикана од Левица не е по Деловникот и со тоа „ќе се легализира правна дивоградба“.

Слични содржини