Гаши добил закани со навредлива содржина: „Ќе има бесење и колење и убивање на сè бугарско…“

од Nikola Popovski
586 прегледи

Претседателот на Собранието, Африм Гаши добил закани по живот преку електронска порака на службениот мејл. Заканите биле со невкусна и навредлива содржина и се однесувале на уставните измени и внесувањето на Бугарите во Преамбулата што е клучен услов од Преговарачката рамка на земјава со ЕУ.

„Уставни измени никогаш, никогаш, никогаш да има, ќе има бесење и колење и убивање на сè бугарско, фашистичко. Тие се фашисти и нивното место е на бесилка, да се лекуваат од болеста што ја имаат. Само пробајте, ќе ви влеземе во Собрание и ќе ве убиеме вас ш*****ски к*чиња кои сте за Бугарите, само смрт“, гласел текстот на заканите што стигнале на електронската пошта на Гаши, објави „360 степени“.

Ова следува откако синоќа спикерот, токму на емисија на истиот медиум, емитувана на МРТ, бил запрашан за идејата за уставни измени со одложено дејство. На прашањето дали има чувство дека прашањето за уставните измени е веќе оставено за решавање по локалните избори, Гаши одговара негативно.

-Бугарија има нова влада, но не можеме да очекуваме веднаш голем успех во разговорите, вели Гаши, нагласувајќи дека добро е што се остварува комуникација и со дијалог и отвореност.

-Ако сме креативни и креираме повеќе идеи, тоа е подобро за решавање и мислам дека треба да дојдеме до нешто што е најдобро можно во моментов. Не треба да бидеме заложници на некоја идеја или од каде доаѓа таа идеја. Треба да имаме волја да најдеме решение за спорот. Мислам дека тоа е нашиот главен интерес. Кој и да има таква идеја, еве бараме помош и од нашите пријатели во Брисел, во важните земји, јас и лично веќе седум-осум месеци ја развив таа парламентарна дипломатија која не беше во минатото развиена токму во оваа насока. Убедувајќи ги нашите пријатели да помогнат да се тргне таа последна пречка за да ги отпочнеме преговорите, додал спикерот на македонскиот Парламент.

Додека ќорсокакот околу уставните измени не е решен во земјава, останува во воздух да виси прашањето околу натамошните преговори со Бугарија околу условот за почетокот на преговорите во ЕУ. Во меѓувреме, официјален Брисел веќе ја одвои Албанија од Македонија, која ја претрка нашата земја во преговорите за членство во ЕУ со одржувањето на Втората меѓувладина конференција.

Слични содржини