Кирков: Уште едно животно пронајдено мртво во скопската Зоолошка

од Nikola Popovski
43 прегледи

Стефан Кирков, советникот на ВМРО-ДПМНЕ во рамките на Советот на град Скопје, објави дека по смртта на седумте берберски овци во скопската Зоолошка починал и мајмун од расата патас.

-Уште едно животно пронајдено мртво во Скопје ЗОО. Обид за прикривање и на починат мајмун од расата Патас! Што се се случува во ЗОО Скопје – куќата на стравот. Оставки и одговорност мора да има, стои во објавата на советникот.

За угинувањето нема официјална потврда од Зоолошката градина. Претходно од Зоолошката соопштија дека инспектор од Агенција за храна и ветеринарство и стручни лица од Факултетот за ветеринарна медицина ја отпочнале постапката за обдукција на угинатите берберски овци.

-Причината за смртта ќе биде соопштена кога ќе бидат направени сите анализи и по добивање на резултатите од обдукцијата. Се сомневаме дека станува збор за труење од гранки од растението тиса (taxus baccata) кое може да биде отровно за животните, беше наведено во соопштението објавено на Фејсбук страницата на Зоолошката градина.

Градската организација на Либерално-демократската партија (ЛДП) побара одговорност и како директни виновници ги посочува раководството на Зоолошката градина во Скопје и градоначалничката Данела Арсовска.

-Упатуваме апел по овој грозоморен чин, додека не е предоцна и додека не угине уште некое животно, веднаш да се затвори и да се пломбира Зоолошката, додека не се утврди дека е безбедна како за животните, така и за вработените и посетителите. Ги повикуваме надлежните институции да постапат, да истражат како е можно толку многу животни да угинат во Зоолошката градина за толку кратко време и да има најстроги казни за оние кои го дозволиле тоа, рекоа од ЛДП.

Од ВМРО-ДПМНЕ минатото лето обвинија дека во последниве две години за време на раководењето на градоначалничката Данела Арсовска се сменија неколку директори и од најпосетувана, Зоолошката градина стана место каде угинаа 40 егзотични животни под неразјаснети околности.

Во 2023 година во Зоолошката градина Скопје угинаа осум животни. Во мај угина жирафата Каспер, додека крајот на ноември 2023, угина и жирафата Флопи. Според извршената обдукција, Каспер, жирафа стара 13 години, угинала како последица на инфекцијата од бактеријата салмонела естеридис. Флопи, починала како последица на малиген тумор на епителот на жолчните канали во црниот дроб и метастази на белите дробови.

Угинале и тигрица, лемури, прежевалски коњи, црн лебед, пинвини, џуџеска коза… ЗОО Скопје во 2024 година го изгуби статусот на членка на Европската асоцијација на зоолошки градини и аквариуми.

Слични содржини