Тлото во НБА се уште не е смирено по тектонскиот земјотрес и трејдот на Лука Дончиќ во Лејкерси, а се чини дека шокантниот потег на Далас ги мотивираше другите клубови полесно да се откажат од своите главни ѕвезди, па излезе веста дека Мемфис Гризлис планираат да се откажат од суперѕвездата Џа Морант и да го разменат во друг клуб!
Имено, Хауард Бек од „The Ringer“ ги наведува своите сознанија од извори од раководството на НБА дека клубот од Тенеси летово сериозно планира да ја трејдува првата ѕвезда на тимот.
– Постојано ги прашувам менаџерите за рокот за трејдови – што се случило, што не, и што следува. Во НБА, секогаш го следите следниот бран на ѕвезди кои би можеле да се разменат. Сосема неочекувано, некој ми рече летово да обрнам внимание на Џа Морант, објави Бек, но сепак се огради, велејќи дека не е сосема сигурно дека такво нешто ќе се случи: „Само велам дека тоа е една од оние работи на кои внимавам во случај да се разгори“.
Џа Морант пристигна во НБА во 2019 година кога беше драфтуван од Гризлис. Сè уште не ја сменил средината, а Морант, иако е исклучително талентиран, има многу проблеми надвор од теренот. Неговото однесување е проблематично, во изминатите неколку сезони имаше многу „контроверзни моменти“ – пред се поради недозволено носење оружје, а исто така често се повредува, па не играше постојано во последните три сезони.
Сезонава Џа пропушти 22 натпревари, а има просек од 20,7 поени, 7,4 асистенции и 4,3 скока по натпревар.