Тошковски: Полициски возила со паметни камери ќе детектираат погрешно паркирани возила

од Nikola Popovski
80 прегледи

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски денеска беше запрашан за сообраќајниот хаос во Скопје и дали ќе има полициски возила со камери кои ќе сликаат и ќе казнуваат. Според министерот, дел од имплементацијата на системот „Сејф сити“ во иднина ќе бидат и полициски возила кои ќе бидат целосно опремени со паметни камери и при движење на конкретни сообраќајници и улици, ќе ги констастираат сите погрешно паркирани возила и истите ќе бидат процесуирани во системот врз основа на комјпјутерска обработка на податоците кои ќе бидат во системот.

-Доколку сакаме системски да се посветени на проблемот, не можеме само фокусирајќи на законската легислатива. Мора да биде поопфатен процес и да се посвети соодветно внимание на градскиот сообраќај, велосипедистите, погрешно паркираните возила, обележани и необележани пешачки премини…Затоа имаме експерти од сите области во рамки на дискусијата. Владата во иднина интензивно ќе се посвети на системско решавање на овие проблеми. Моментално ги подготвуваме. Фокусирани сме на поголем број проекти за повисок степен на сообраќајна култура, рече Тошковски по јавната трибина за измените на Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата и Законот за прекршоци за проектот „Безбеден град“.

Првиот полицаец во државата најави и дека потребни се суштински помрднувања од повеќе полиња и поради тоа, катните гаражи во иднина треба да бидат зголемени како бројка. Вели дека работат на проект за изградба на катна гаража во рамки на МВР.

Околу електричните велосипеди во државата, Тошковски најави дека анализираат дали ќе се забрани нивно користење и ќе биде предмет на дискусија. Се надева дека ќе најдат соодветно законско решение за регулирање на овој тип на сообраќај.

Системот „Сејф сити“ и поставените камери ќе започнат со работа од 1 јануари следната година. Министерството за внатрешни работи (МВР) ќе има доволно време да ги евидентира сите новорегистрирани возила и да ги усогласи податоците со останатите институции, со цел прецизно утврдување на начинот на казнување.

Возачите кои ќе направат прекршок ќе добиваат СМС порака или е-пошта со фотографија од прекршокот во рок од 24 часа.

Слични содржини