Минчев му порача на Меџити да не се однесува како „Алиса во земјата на чудата“ по најавите на вицепремиерот за вработување на 2-3 илјади Албанци во администрацијата

од Nikola Popovski
140 прегледи

Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, му порача на вицепремиерот Изет Меџити, да не се однесува како „Алиса во Земјата на чудата“ и да не ветува вработувања за Албанците во државната администрација.

-Изјавата на вицепремиерот Меџити на партиски настан за масовни вработувања во јавната администрација во период од една година е класичен пример на предизборен популизам, без никаква правна или институционална основа. Оттука, би го замолил г-динот Меџити да не се однесува како Алиса во Земјата на чудата, ветувајќи нешто што ниту е реално, ниту е возможно без кршење на законските процедури и принципите на доброто управување, вели Минчев во својата реакција.

Тој појаснува дека  сите вработувања во јавниот сектор во моментов се одвиваат исклучиво според потребите на институциите, врз основа на претходно добиени согласности од релевантните институции и во согласност со Законот за вработени во јавниот сектор и Законот за административни службеници. Секое вработување се заснова на принципите на компетентност, стручност и професионална подготвеност на кандидатите, а не на партиски ветувања или политички притисоци.

-Граѓаните на Република Македонија заслужуваат институции кои работат професионално и транспарентно, а не администрација изградена врз база на популистички ветувања. Затоа, апелирам на одговорност и реален пристап кон јавните политики, а не на нереални ветувања кои служат само за собирање политички поени во пресрет на изборите, стои во ставот од Кабинетот на Минчев.

На партиски настан во Шуто Оризари, Меџити рече дека за една година на власт ќе вработат повеќе Албанци во државно, отколку претходните албански политички субјекти во власта за два мандата.

-За прашањето на вработувањата, за една година ќе направиме онолку вработувања колку што тие направија за два мандати, осум години во Владата. Значи, ќе бидат стотици, ако не и 2-3 илјади Албанци во државната и јавната администрација и насекаде каде што има потреба од обновување на тие работни места, со што ќе се елиминира една пречка и проблем на нашите граѓани, за да не заминуваат во странство и да не ја гледаат својата перспектива надвор од државата, изјави Меџити.

Со реакција излегоа и од СДСМ. Порачаа дека ВЛЕН ја третира државата како приватен бизнис кој треба да го наполнат со партиски војници. Бараат реакција од премиерот Христијан Мицкоски.

Слични содржини