Вицепремиерот Изет Меџити му возврати на министерот Горан Минчев кој го замоли да не се однесува како „Алиса во земјата на чудата“ по најавите дека ќе се вработат илјадници Албанци во државната и јавната администрација. За разлика од вчерашната изјава, Меџити сега ретерираше дека има одлука на Владата за 1500 луѓе кои што работат во здравството, повеќе да не бидат на договор на дело.
Тврди дека лицата нема да бидат злоупотребени само за изборите и дека треба да добијат решенија.
-Има одлука на Владата за трансформирање со решенија на неопределено и истиот пристап ќе биде и во другите институции. Нема да играме со луѓето како што играа во минатото и да ги искористуваме за избори. Потребни се во здравството, треба да имаат решенија на неопределено и да се посветат целосно на подобро здравје, кажа Меџити при посетата на граничниот премин „Блаце“ заедно со министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски и неговиот косовски колега, Џелал Свечља.
Повод за посетата е имплементацијата на единствена заедничка гранична контрола на патници и стоки, системот „One Stop Shop“.
Во реакцијата на министерот Минчев се вели дека политиката на популистички вработувања не само што би го нарушила интегритетот на администрацијата, туку и би ги загрозила реформите кои имаат за цел создавање ефикасна, професионална и деполитизирана јавна администрација.
Првиот вицепремиер на партиски настан во Шуто Оризари, вети дека за една година на власт ќе вработат до 2-3 илјади Албанци во државната и јавната администрација. Тој рече дека за една година на власт ќе вработат повеќе Албанци во државна служба, отколку претходните албански политички субјекти во власта за два мандата.