Остатокот од конфискуваниот имот на поранешниот премиер Никола Груевски и на поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков, наскоро ќе се најде на продажба. Се очекува државата да инкасира најмалку 29 милиони евра. Еден дел е остатокот од имотот одземен од Мијалков во предметот „Империја“, и тој наскоро ќе се најде на продажба, најавија од Агенцијата за одземен имот.
Ќе се продаваат станови, апартмани, гаражи, деловен простор и градежно земјиште. Овие имоти на Груевски и на Мијалков им беа одземени во неколку судски процеси против нив. Ќе се продаваат станови на улицата „Бихаќка“, апартмани во „Панорама резиденс“, станови во Охрид, плацеви на Водно и во Центар…
Досега, државата од Мијалкови наплати 332.276 евра од продажба на три стана и гаража на Водно. И тоа, фирмата „Бест веј инвестмент“, фирма во сопственост на Јордан Мијалков, сама си ги купи.
Поранешниот шеф на тајната служба во јули 2022 година призна вина и се спогоди за „Империја“. Со спогодбата, Мијалков беше осуден на 3 години затвор и исплати 6,1 милиони евра во кеш за уделот во хотелот Мериот. Одземен му беше и имот во вредност од околу 30 милиони евра. Пред да биде упатен на издржување на казната, тој ја смени адресата на живеење од Скопје во Охрид, што му овозможи да оди во затворот во Струга кој е од отворен тип.
Случајот „Империја“ беше отворен во 2018 од страна на поранешното СЈО за злосторничко здружување, оштетување или повластување на доверители, злоупотреба на службената положба и овластување, измама и перење пари и други приноси од казниво дело. Покрај Орце Камчев и Мијалков како првоосомничени, во истрагата беа опфатени уште 11 други лица.
Груевски во 2018 година, по објавувањето на затворската казна за случајот „Тенк“, за спорна набавка на службено возило мерцедес побегна во Унгарија каде што доби азил. Македонските власти по него имаат распишано меѓународна потерница.