Антикорупциска бара да се прекине со партиските вработувања во јавната администрација

од Nikola Popovski
33 прегледи

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), во рамки на своите надлежности, денеска преку соопштение објасни дека има обврска да спроведува превенција и да презема мерки за спречување на можни злоупотреби на службена положба, судир на интерес и незаконско постапување.

ДКСК укажува дека актуелните најави за вработувања во јавната администрација, од страна на одредени политички субјекти во Република Северна Македонија, не смеат да бидат предмет на договор на политички структури. Истакнуваат дека секое вработување мора да биде во согласност со закон, по мерит систем и без никакви влијанија.

-Само на овој начин, почитувајќи ги законските регулативи, ќе овозможиме враќање на довербата на граѓаните во институциите на системот, ќе спречиме коруптивно однесување, трговија со влијанија и партиски клиентелизам.

Секоја изјава за “договорни“ партиски вработувања во јавната администрација ја нарушува довербата на граѓаните во јавните институции и генерира ризици од корупција во постапките за вработувања.

Ве информираме дека, во насока на остварување на своите превентивни законски надлежности, ДКСК веќе направи антикорупциска проверка на предложените закони за вработување во јавниот сектор и на предлагачот му укажа на можните ризици од корупција кои истите ги генерираат, стои во соопштението на Антикорупциската комисија.

Слични содржини