Катастрофата на руската нуклеарна подморница Курск, во која загинаа 118 морнари во 2000 година, продолжува да предизвикува контроверзии. Поранешниот американски претседател Бил Клинтон тврди дека постојат индиции дека Владимир Путин тогаш донел одлука да одбие меѓународна помош за да ги заштити руските воени тајни.
Зборувајќи во документарец, Клинтон за прв пат јавно го искажа својот став за трагедијата. Според него, Путин знаел дека присуството на американските спасувачи може да ја открие технологијата на подморницата, поради што одбил помош.
– Путин знаеше дека ако отидеме таму, ќе научиме работи за нивната технологија кои никогаш нема да бидат заборавени – рекол Клинтон.
Тој исто така истакнал дека на почетокот верувал во можноста за американско-руски сојуз, но брзо сфатил дека Путин има различни планови.
– Кога беше избран, мислев дека Русија и САД можат да станат сојузници. Но, наскоро стана јасно дека неговата цел е да ја врати големината на Русија. Бев за тоа, но прашањето е како ја дефинирате големината, кажал Клинтон.
Според американски извори, екипажот на подморницата Мемфис слушнал експлозии на Курск додека набљудувал воена вежба на руската северна флота. Командантот Марк Бреор веднаш ги известил претпоставените, а Белата куќа добила информација за инцидентот.
– Имав прилично детален брифинг и веднаш прашав: „Има ли докази дека ние, макар и случајно, сме можеле да сме инволвирани? – рече Клинтон.
Само 24 часа подоцна, САД понудија да и помогнат на Русија да ги спаси морнарите заробени на дното на Баренцовото Море.
– Мислев дека претседателот Путин знае колку работев на градење односи со Борис Елцин и колку сакав САД, Русија и НАТО да бидат сојузници. Сакавме да помогнеме да спасиме животи, вели Клинтон.
Клинтон тврди дека не добил одговор од Москва, па лично му се јавил на Путин, кој во тој момент не дал никакви изјави за трагедијата. Рускиот претседател ја прифатил помошта, но дури по осум дена, кога веќе беше доцна.
– Ми рече: „Ќе им наредам на моите луѓе да ја искористат вашата понуда“. Тој прифати помош, но дотогаш беше предоцна, тврди Клинтон.
Во меѓувреме, Путин почна да ги контролира информациите за катастрофата, а официјалните верзии за настаните постојано се менуваа. По трагедијата мерките против медиумите беа заострени, а рускиот претседател ги обвини олигарсите дека придонеле за колапс на армијата и морнарицата, пишува британски „Тајмс“.
Иако точната причина за трагедијата никогаш не е целосно разјаснета, официјалната верзија на Кремљ наведува дека потонувањето било предизвикано од експлозија на торпедо во подморницата. Руските власти првично тврдеа дека сите морнари починале веднаш, но подоцнежните извештаи покажаа дека дел од екипажот ја преживеале експлозијата и неколку дена се обиделе да се спасат.
Некои аналитичари сметаат дека Путин избегнал брза реакција поради страв од разоткривање на слабостите на руската морнарица и можно мешање на странски сили.
Катастрофата на подморницата Курск останува еден од најконтроверзните настани во раната фаза од владеењето на Путин, а начинот на кој се справуваше ситуацијата имаше долгорочни последици за перцепцијата на неговата политика, како во Русија, така и во меѓународната заедница.