Актуелниот градоначалник на Делчево, Горан Трајковски, доби кривична пријава поради сомнение за злоупотреба на службената положба и овластување.
Според информациите од полицијата, случајот се однесува на јавна набавка што ја спровела Општина Делчево во 2019 година.
„Пријавениот на 11.04.2019 година склучил договор за јавна набавка на резервни делови, прибори и масла за возниот парк на општината, иако во спецификацијата била понудена цена која била 16 пати пониска од другите понудувачи. Наместо да побара појаснување или да го поништи огласот, тој го склучил договорот, овозможувајќи му на правното лице да добие финансиска корист“, наведуваат од полицијата.
По склучувањето на договорот, наместо да се набават резервни делови по договорените ниски цени, биле набавени други стоки по значително повисоки цени од оние што ги понудиле конкурентните компании. Со ова, според истрагата, општината била оштетена за 222.760 денари.
Полицијата информира дека случајот е предаден на надлежните органи и понатамошната постапка е во тек.