Потпретседателката на СДСМ, Ана Чупеска во емисијата „Топ тема“ на телевизија Телма зборуваше за последните погрешни чекори на Владата и македонската дипломатија и лошата поставеност во однос на декларациите во ООН.
Чупеска нагласи дека ние сме во ситуација кадешто како земја немаме луксуз за истрчување како тоа што се случи и мора да се покаже одговорност во надворешната политика за мудро да се носат одлуките.
-Овој излет на владата го сметаме за екскурзија и авантуризам односно за непостоење на таква анализа, стратегија, план којашто би укажала дека ова нешто може некакви бенефити да ни донесе. Следното прашање е доколку ние како земја членка на ОН, како земја стратешки партнер на САД, како асоцијативен субјект во ЕУ, поддржуваме вакви принципи, свесни ли се во ДПМНЕ што тоа значи кога таков принцип би се применил во нашата ситуација, нагласи Чупеска.
Таа додаде дека ситуацијата е многу деликатна, дека Македонија мора да балансира во односите и со САД и со ЕУ.
-Македонија е во вакуум од аспект на неизвесност, зашто сепак зависиме од односот и со едните и со другите. Не сме биле во ситуација како сега, и не ни е побарано да бидеме во таква ситуација, а сами сме се истрчале да фаќаме страна за принципите за конкретната декларација. Ова се многу крупни прашања, во променети околности и затоа мора да се гледа државнички, конзистентно и принципиелно пред се. Да не се отколнуваме како држава од принципите или па уште полошо во случајов да поддржуваме принцип, којшто уште утре може да ни се удри од глава, тоа е голем ризик, додаде Чупеска.
Потпретседателката Чупеска истакна дека што побрзо треба да се консолидира заеднички надворешно политички став во врска со новите околности дали тоа ќе биде на лидерска средба или на собраниска седница.
-Мислам дека е ургентно во овој момент затоа што немаме простор за било какви екскурзии и авантури, излетувања, затоа што се отвораат и безбедносни прашања, порача потпретседателката на СДСМ Ана Чупеска во емисијата „Топ тема“ на телевизија „Телма“.