Жерновски бара Мицкоски да ја разреши министерката Кочоска доколку сама не поднесе оставка

од Nikola Popovski
282 прегледи

Екс-амбасадорот и екс-заменик министер за надворешни работи, Андреј Жерновски смета дека доколку министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска не поднесе оставка за навредите искажани кон пратеничката Славјанка Петровска, тогаш треба да реагира Владата и да ја разреши.

Како што истакнува во својата објава Жерновски, „во целосна немоќ да се даде контрааргумент, а во желба да му се допадне на шефот кој, ете прилика, седи пред неа и ја слуша, министарката изусти таква примитивна навреда, што сѐ уште е тешко истата да се опише“.

-Не беа омаловажени и грубо навредени само жените кои немаат или не можат да имаат деца. Беа навредени и мажите кои се во истата состојба. Бевме навредени, впрочем, сите! Подоцнежните нејзини, како и оние од нејзината партија, правдања и (до)објаснувања, беа крајно невешти и јалови. Од лошо, полошо, посочува поранешниот функционер и додава дека сега на потег е премиерот Христијан Мицкоски.

-Оној премиер кој е мудар, паметен и практичен, ќе го разреши тој министер. Така фунционираат владите во демократскиот свет. Не за друго, туку никој премиер не сака целата негова владина структура да го носи бремето и да ја споделува одговорноста од тој срам. Едно е сигурно- за Мицкоски како премиер, министерката Кочовска е веќе бескорисна и, без никаква намера да звучам грубо, неупотреблива. Имено, ако остане на таа позиција, факт е дека до крајот на нејзиниот мандат, колку и да предложи некој навистина добар проект, колку и да постигне некој добар резултат (во што сите се сомневаме,искрено), се’ ќе биде попусто. Зошто? Бидејќи секое нејзино појавување, во било која прилика, веднаш ќе ја потсети јавноста на навредата и примитивизмот, стои меѓу другото во објавата на Фејсбук.

На вчерашната седница во Собранието, пратеничката Петровска поставувајќи прашања се осврна на неодамнешните изјави на министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска за цените на храната, како грашокот од конзерва и количината на млеко што треба да ја консумира едно семејство. Министерката место да одговори ја нападна Петровска на лична основа за нејзината семејна состојба.

Неколку часа по настапот во Парламентот и по бројните реакции од членови на СДСМ, други политички партии и од граѓани, со објава на Фејсбук се огласи министерката за финансии која рече дека никогаш немала намера да ја навреди пратеничката, но оти почитта мора да се заслужи. Според неа, дел од јавноста е манипулиран. Таа жали што нејзините зборови биле погрешно разбрани.

Слични содржини