Пратеничката група на СДСМ денеска одржа прес-конференција пред зградата на Министерството за финансии по вчерашните навреди на министерката Гордана Димитриеска-Кочоска кон нивната сопартијка Славјанка Петровска. Велат дека упатените навреди го погодуваат секој човек кој некогаш бил дискриминиран, омаловажен или повреден.
-Кога министерка во оваа држава ќе се осуди да каже дека една жена не може да зборува за семејството само затоа што нема деца, тогаш тоа не е навреда туку и удар врз достинството на сите нас, тоа е ароганција, дискриминација, нечовечност. Наместо извинување, продолжија нападите врз Петровска. Одлучија да ја нападнат Славјанка уште повеќе, рече пратеничката Јованка Тренчевска, додавајќи дека како партија бараат оставка од министерката за финансии.
Тренчевска оценува дека министерка која понижува граѓанка и навредува пратеничка не заслужува да води министерство и да седи во Влада која тврди дека работи за граѓаните.
-Оставка ќе бараме секој ден сè додека не си оди од функцијата. Само така може да ги заштитиме граѓаните од идна дискриминација. Сведочевме и на молк од потпретседателката на Собранието, Весна Бендевска иако до вчера беше претседателка на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација. Бендевска не кажа ниту збор ниту реагираше. Нема застанеме само тука и ова не смее да остане само како еден ден на осуда. Затоа СДСМ ќе преземе конкретни чекори и ќе побараме итна седница на Комисијата за дискриминација каде ќе се расправа за однесувањето на Кочоска и поширокиот проблем на дискриминација во однос на пол во институциите, рече меѓу другото пратеничката.