За вчерашната реторика на седницата во Собранието и расправата меѓу министерката Гордана Димитриеска-Кочоска и пратеничката Славјанка Петровска, претседателот на Собранието, Африм Гаши вели дека секогаш повикувал на подигнување на политичката култура, однесување и почитување на Етичкиот кодекс меѓу пратениците.
-Сите пратеници мора да се грижиме за достоинството на Собранието. Првенствено тоа се прави преку почитување на едни кон други. Можеме да ги искажуваме нашите политички ставови без да навредиме никого. Сум повикувал и ќе продолжам да повикувам до сите пратеници да се држат до почитување на Етичкиот кодекс. Разговараме и за нов Етички кодекс кој сакаме да го подобриме и сите да се договориме на консензуален начин да го почитуваме. Мислам дека понатаму сите ќе работиме во надградба и зголемување на политичката култура. Ваквите настани како вчерашниот не се мили и не е добро за Собранието. Ако пристапиме кон меѓусебно почитување, се надевам дека ваквите инциденти нема да се повторат, кажа Гаши во изјава за медиумите.
Додаде дека кога има седница за пратенички прашања, министрите и Владата треба да знаат дека доаѓаат да одговараат и дека треба да постои взаемна почит.
-Собранието има надзорна функција врз Владата. Пратеничките прашања се алатка за тој факт и особено Владата треба да биде внимателна во Собрание како се однесува кон пратениците, посочи спикерот Гаши.