ВМРО-ДПМНЕ упати низа критики кон СДСМ поради фактот што екс-директорот на затворот „Шутка“ и член на ЦО на СДСМ, Филип Андов – Сокол се уште не е разрешен од партиската функција. Партијата на власт му порача на лидерот на опозицијата Венко Филипче да ѝ соопшти на јавноста „зошто молчи и не го разрешува членот на ЦО“.
-Со што толку ги задолжил криминалецот Сокол, СДС и Филипче што не се оградуваат од него. Од што се плаши Филипче па молчи? Народот гледа какви криминалци од СДС ја воделе државата, истите тие заради лукративни причини го осиромашиле народот и ја опустошиле државната каса. Нема повеќе недопирливи функционери блиски до структурите на СДС и ДУИ, кажа меѓу другото од најголемата владеачка партија преку соопштение.
Мерки на претпазливост за десет припадници на затворската полиција, меѓу кои и за Андов побара Јавното обвинителство за гонење организиран криминал по денешната акција и претресите кои ги вршеше полицијата. Групата се сомничи за неколку кривични дела како „Противзаконито ослободување на лице лишено од слобода“, „Злоупотреба на службена положба и овластување“. Но на Андов и уште еден затворски полицаец на товар им се става и кривично дело „овозможување бегство на лице лишено од слобода“.
Со тоа тие предизвикале штета на Буџетот за сметка на мала имотна корист. Десетоосомничениот затворски полицаец не пријавил дека одредена група на осуденици кои биле сместени во импровизирани простории не се присутни. При ненајавен вонреден надзор, Управата за извршување на санкции констатирала дека недостасуваат 11 осуденици.
Филип Андов раководеше со затворот „Скопје“ од 2020 до јули 2024 година, кога беше разрешен на Владина седница. Вонредните контроли на Управата за извршување на санкции утврдија сериозни неправилности во работењето на затворот, што го отвори прашањето за тоа како функционирал системот зад решетките. При контролите што следеа, новиот директор Александар Пандов во неколку наврати констатирал дека дел од затворениците кои требало да бидат во своите ќелии, ги немало. На списоците стоеле како присутни, но всушност биле во бегство. Пандов тогаш изјави дека затворот „Скопје“ наликува на „хотел промаја“, алудирајќи на честите бегства, кои според него биле резултат на лошо менаџирање, но и други пропусти во системот.
Андов беше именуван на функцијата во 2020 година, откако претходно му беше советник на тогашниот премиер Зоран Заев за креирање политики кои се од посебен интерес за граѓаните на Град Скопје.