Тоталитарното владеење на оваа октроирана, нелегитимна власт и инсталиран режим од првиот ден е опасност по самиот егзистенцијален тоталитет на Македонија, опасен воопшто по живеењето на секој нормален човек што има несреќа да биде во границите на оваа држава за време на диктатурата на мицковистичко Дпмне, Влен и Знам. Сите основи врз кои функционира државата се дестабилизирани и со постојано негативни трендови – од економијата, преку меѓунационалните односи со големоалбанскиот национализам на Влен, до меѓународната позиција на Македонија. Тој континуиран пад произлегува од самата суштина на функционирање на мицковистичко Дпмне, на диктаторскиот режим сам по себе, иманентно произлезен од матрицата на нивното постоење, екстраполација на 7-годишното первертирање на суштината на ВМРО и нејзина злоупотреба за профитерско практикување на гола власт. Впрочем, не може ни да се очекува нешто друго од така фундираното Дпмне (порано Вмро-дпмне, денес мицковистичко Дпмне) – метафорично кажано, тој политички франкештајн е скрпен за диктатура и режим во кои самото владеее е целта и самиот народен буџет е примарен интерес – а се друго е резидуум на методите на сталинистичко, а ла пиноче тито режимско инструментализирање – на се останато. Нема сомнеж дека барем 80-ина години немало полоша власт од оваа што е денес во Македонија.
Диктатурата ги третира другите, оние кои не се дел од нивните заблудени и профитерски структури, како закана за сопствената, доминантна позиција во општеството и државата. Преку разновидни облици на стравовладеење и константното практикување на доминацијата, комплексот на идеи во варијанта на мицковистичко Дпмне можат да бидат само комични, циркузијантски варијанти за некаква историската мисија на сопствената партија (горда, твоја и слично), посебно кога ќе се комбинира со национализмот на Влен. Резултатот е привидно зацврстување на концептот односно сликата која (искривено) ја гледаат во сопственото огледало на деформација и со нарцистички копнеж ја замислуваат за себеси а во која тие имаат централна улога, лидерска позиција, хегемонистички способности, природно детерминирана позиција на владетели, повеќедецениско историско право на власт, како што еднаш со Фројдовска ,,омашка“ проговори оној што за жал е премиер. Овој феномен односно модел на мислење во идеално типска смисла може да претставува симбиоза на концепти кои релативно лесно се интериоризираат од страна на конкретни индивидуи со ниско ниво на интелигенција. Таквиот центризам и неговите механизми, неговата метафизика како суштинска подлога на неговите практични манифестации, како на субјективно така и на колективно ниво, има неколку специфични елементи од кои посебно опасен е партискиот мицковистички центризам интегриран околу политички психопатолошкиот стремеж изборно да се победи се друго, сите други, за да се освои и превземе општествено – економскиот простор на кои другите живеат и позициите во системот на јавните и државните работни места. Бруталната партизација „од чистачка до директор“ е при крај, а тие околу 150 000 буџетски платени позиции се новата класа на богаташи во Македонија под јаремот на диктатурата на Дпмне, Влен и Знам, нивната идна сигурна гласачка база. Сосе семејствата, тоа е огромна бројка на гласачи која речиси е невозможно да се победи на избори во вакви околности – и затоа нов надграден и проширен пржински договор е неопходен основен услов за следните, да се надеваме скорешни предвремени избори.
Откако целосно во практика се демаскираа во сета нивна неспособност и политички лаги (се разбира и покрај постојаниот главно неуспешен обид да го скријат тоа преку досега во светот и историјата невидена наци-сталинистичка комбинација на гебелсова и ждановистичка пропаганда и методи на дезинформирање) сега се во паника и страв, со секој ден се повеќе, за своите дебело платени фотељи. Во таква ирационална состојба прават големи грешки кои скапо ќе не чинат нас, обичниот народ и државата. Пропагандистичките измеќари на „асистентот на тато“ (како што пежоративно меѓу народот се оначува и озборува премиерот) одамна служат за потсмев и забава со нивните ефтини памфлетчиња на ниво на осмо одделение, иако, да не заборавиме, нивната целна гласачка група е на тоа интелектуално ниво или подолу. Без дилема, како минува времето се повеќе луѓе, од оние нормалните иако новото нормално е всушност ненормално во мицковистичка Македонија, стануваат свесни за епската, историска неспообност и лажен патриотизам на мицињата и дргите од режимот. Секој ден им паѓа гласачкиот рејтинг и веќе ја достигнува критичната граница – па, затоа и ги впрегнаа (како ѕевгар волови, сликовито споредено) сите што можеа да се купат со пари, и кога ќе видиме кои се е на иста страна, нивна страна, какви опскурни ликови, па тоа не е веќе монти пајтон туку дружината на мики маус.
Во сета таа паника од освестувањето на народот дека овој диктаторски режим е најлошото што му се случило во историски пропорции (барем во последните 80-ина години) кликата на режимот ја загрозува и меѓународната позиција на Македонија, самиот меѓународен субјективитет. Изолацијата од ЕУ (кои ги прозреа во нивната квази патриотска политика која всушност е насочена кон гласачки рејтинг кај припрости, башка профитерите) се обидуваат да ја надоместат привидно, преку Бодријаровски симулакруми, со посети (повеќе туристички но секако платени со наши народни пари) на неколкумина – некојси Крис, син или внук на гастербајтер, Орбан и повремено Вучиќ – тоа се сламките за пропаганден спас од вистинската вистина, да го парафразираме премиерот – фактот дека се буквално изолирани од сите битни меѓународни институции и државници. А како изгледа меѓународната позиција на Македонија под режимот на мицковистичко дпмне, Влен и Знам? Па, еден ден безрезервно и целосно ги поддржуваат политиките на Трамп а веќе следниот ден се против Трамп со поддршка на решението за две држави за Палестина и Израел (така кажа Ердоган а демант немаше). Од првиот ден со некое мошне сомнително друштво работат против ЕУ и со постојаните критики кон основните принципи на ЕУ ја оддалечија Македонија од можноста за уредена, демократска и економски просперитетна држава, што уште денес истото мора да биде причина за масовни народни протести и предвремени избори и конечно демократско ослободување од таа несреќа наречена влада на мицковистичко дпмне, Влен и Знам. Ваквата неконзистентна, самоконтрадикторна и отворено анти-ЕУ политика со секој изминат ден ја доведува во опасност нашата држава. Големите држави имаат долго паметење, голема историска меморија и кај нив ваквото нестабилно, хаотично и лицемерно однесување на режимот сигурно ќе остане запомнето а единствено што во оваа ситација може да ни биде утеха е надежта дека последиците од овие ефтини уличарски а ла ташмаруниште финти ќе ги доживеат само носителите на истите а не ние, народот.
Во меѓувреме, очигледно е дека обичниот народ е се понезадоволен од диктатурата, па мора да се превземе систематска акција, при што веќе и не е важно ништо друго освен нивен брз пад – ниту кој која партија е, ни која националност ни која религија – сите пропаѓаме во бездна со мицковистичко дпмне, Влен и оние од Знам; сите сме на титаник кој тоне. Кои и како ќе формализира оска околу која ќе се собере народот е помалку важно. Тоа по некоја логика на нештата може да биде новиот СДСМ, со новиот и надежен лидер, арно ама и тука имаме голем проблем, ние, народот. На пример, покрај толку грандиозни умови во раководството на опозицијата, мене лично се поретко ми доаѓа мотивација за анализа на бројните политички будалаштини низ жална Македонија под овој диктаторски режим. Па, како да се пишува и зборува кога некои лидери на опозицијата со своите фасцинантно емотивни кажувања (максимум нарација, минимум експликација а ла Роберт Мусил!), длабоки лични приказни за изгубени свиѓања на Илон Маск, просто ве оставаат без здив и зборови, а кога на тоа ќе се додадат и стварно демотивирачките активности на опозицијата во Собранието, тешка ни е ситуацијата. Еве, може ли некој рационално да го интерпретира фактот дека пратениците на СДСМ го гласале следниов предлог за членови на ААВМУ – „Виктор Павловски, Сашо Стефановски и Петар Ѓуровски, предложени од ВМРО-ДПМНЕ, Цветанка Миновска, предложена од Знам, Гордана Манојлова, предложена од СДСМ, Афрона Верзиволи и Нафије Селмани, предложени од коалицијата ВЛЕН, се седумте кандидати за членови советот на Агенцијата за медиуми, кој доби поддршка од собраниската комисија за избори и именувања“ (цитирано според Алсат, 30 јануари 2025, текст со наслов – СДСМ: Не секоја координација меѓу политичките партии значи дека Агенцијата се политизира“) Sic!!! Значи, во една од најважните институции на системот преку кои мора да се одвива демократското уривање на режимот и тоталитарната окупација на медиумите, како и демократизација и деинсталирање на режимски воспоставениот медиумски пашалак, СДСМ прифатиле и гласале само еден – и уште еднаш: само еден! свој претставник, додека режимот си предожил дури 6 (шест!). Како СДСМ мислат да го победат демократски овој режим со вакво 6:1 гласање, со што им се дава политички легитимитет во апсолутната доминација со медиумскиот дискурс, само Господ знае. Па дури, замислете, изјавиле и дека, цитирам „Според СДСМ, политичката координација не подразбира политизација и доволно е членовите, откако ќе бидат избрани, професионално да си ја вршат работата“. Белким е шега, па зарем тие сериозно мислат дека дебело платени функционери поставени од Дпмне, Влен и Знам ќе работат професионално?! Но, ете, тоа е нивниот став – „СДСМ е на ставот дека во овој момент е потребно Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги да биде во полн состав, вели новиот генерален секретар на опозициската партија, Александар Саша Димитријевиќ“(цитирано според 360степени.мк,3 февруари, 2025, наслов – СДСМ гласал за нов предлог-состав на Советот на агенцијата за медиуми зашто ЕК имала забелешка дека му е истечен мандатот). И уште ова „Димитријевиќ вели дека тие се конструктивна опозиција која сака да има функционален систем и дека за сè што е во интерес на граѓаните е потребно да се има консензус“. Просто кажано, СДСМ преку консензус со диктаторскиот режим (sic!) овозможуваат функционален систем со 6 припадници на режимот а само еден нивен. Господ нека ни е напомош!
Д-р Тони Науновски
Ставовите искажани во рубриката „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „Локално“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.