Платформата за родова еднаквост ја кани јавноста на Марш за женски права, што ќе се одржи на Меѓународниот ден за економска, политичка и општествена борба за рамноправност на жените, 8 март (сабота). Оваа година се маршира под слоганот: „Нека јадат ружи!“, со почеток во 13:00 ч. пред Универзална сала.
-8 Март не е ден за симболични гестови и излитени фрази. Овој 8 Март не сакаме ружи. Што ќе ни се ружи кога немаме за леб? Живееме во нехуман и неодржлив систем базиран на системско силеџиство што ни ги окупира животите и ни ги ограничува одлуките и можностите. А во кризи, товарот несразмерно ја погодува жената. Токму затоа, велиме, не сакаме ружи, туку повикуваме на феминистичка борба за слобода, солидарност и автономија.
На 8 Март повикуваме на бојкот на големите маркети, ланци и трговските центри кои преку вештачки наметната инфлација нѐ доведуваат до раб на егзистенција. А за да ја истакнеме вредноста на сè што секојдневно правиме во домот, овој 8 март ги повикуваме жените на бојкот на домашните обврски, велат од платформата.
Збирно место на маршот ќе биде пред Универзалната сала. Оттаму се продолжува по бул. „Партизански одреди” и бул. „Св. Климент Охридски” кон зградата на Влада. Потоа, од бул. „Илинденска” се вклучуваат на бул. „Гоце Делчев” и рутата ќе биде по булеварот сѐ до плоштадот Скендербег, каде се врти десно и се продолжува по ул. „Филип ВториМакедонски” до парк Жена Борец каде завршува движењето и следат говори и обраќања од учесниците.