Додик бил повикан во Обвинителството на БиХ за изјава за уривање на уставниот поредок, но нема да се појави

од Nikola Popovski
18 прегледи

Претседателот на Република Српска (РС) Милорад Додик потврди дека добил покана од Обвинителството на БиХ за утре да даде изјава како осомничен за уривање на уставниот поредок, наведувајќи дека нема да одговори на поканата.

„Обвинителството на БиХ ме кани утре да дадам исказ како осомничен за уривање на уставниот поредок, бидејќи ја вршев мојата должност, пропишана со Уставот и закон, според одлуките на Народното собрание на РС“, напиша Додик на социјалната мрежа „Х“.

Според него, Обвинителството на БиХ е „неуставна категорија и не може да зборува за Уставот“, додавајќи дека институциите чие работење е забрането на територијата на РС (државниот суд и обвинителство и Агенцијата за истрага и заштита на БиХ) не постојат во Уставот на БиХ.

„Брзината со која реагираа покажува дека се е однапред подготвено, што се однесува до продолжување на политичкиот прогон. Обвинителите кои доаѓаат од Федерацијата БиХ, кои се политички обучени, на најжесток начин ја злоупотребуваат својата неуставна положба за политички прогон“, нагласи Додик.

Тој додаде дека нема да оди во, како што рече, „нивниот политички суд, бидејќи Србите повеќе не одат во инквизиција“.

„Србите одат само на разговори за уредување на БиХ, но како што е напишано во Уставот и Дејтонскиот мировен договор. Денеска ме судат, бидејќи не можат да судат милиони Срби кои не сакаат да бидат обесправени во нивната земја“, напиша Додик.

Тој додаде дека РС „не е и никогаш нема да биде ничија колонија“, туку „сама ќе одлучува“ и ќе го почитува само својот устав, а не, како што оцени, волјата на оние кои сакаат да ја згазат Република Српска преку политички оркестрирани процеси.

Слични содржини