Кликс.ба: Многу работи потсетуваат на случајот Груевски, дали унгарските специјалци вежбаа за бегството на Додик

од Milan1
464 прегледи

Доаѓањето на припадниците на унгарската специјална единица ТЕК во Босна и Херцеговина, непосредно пред првостепената пресуда против Милорад Додик, покрена голем број сомнежи.

Иако официјалната верзија за пристигнувањето на специјалните сили е заедничка вежба со припадниците на МУП на Република Српска, времето, начинот на влегување и претходните унгарски операции предизвикуваат сериозни сомневања дека ова може да биде повеќе од обична обука.

Случајот потсетува на операција од 2018 година, кога унгарските разузнавачки служби го организираа спектакуларното бегство на поранешниот македонски премиер Никола Груевски, кој избегна затворска казна и најде засолниште во Будимпешта, пишува „Кликс.ба“.

„Мистериозно“ влегување на ТЕК во БиХ

Унгарските специјални сили влегоа во Босна и Херцеговина како цивили, невооружени и во возила без ознака. Од нив 40 пристигнале преку неколку гранични премини на североистокот на земјата, а до крајот на вежбата на 9 март се очекува да пристигнат уште 38 специјалци. Она што е особено интригантно е што веќе следниот ден се појавиле во полна опрема, униформи и со високотехнолошки командно возило, кое не било регистрирано во официјалните документи.

Пристигнувањето на унгарските специјалци се совпадна со моментот кога Судот на БиХ донесе првостепена пресуда против Додик, со која е осуден на една година затвор и шест години забрана за вршење јавна функција. Уште поголем сомнеж предизвикува фактот што само 20 часа пред официјалното потврдување на специјалните сили на ТЕК во БиХ, Додик го најави нивното доаѓање во Народното собрание на РС, тврдејќи дека тоа е дел од договорот со унгарскиот премиер Виктор Орбан.

Улогата на Орбан и претходните примери

Врската на Унгарија со политичките бегалци не е нова. Најпознат пример е случајот со Никола Груевски, поранешниот премиер на Северна Македонија, кој избега од земјата во ноември 2018 година со помош на унгарски дипломати и разузнавачи. Потоа, и покрај налогот за апсење, преминал неколку државни граници користејќи дипломатски автомобили и пристигнал во Унгарија, а според поранешниот премиер Зоран Заев, тоа го направил додека престојувал и во багажникот.

Кога на крајот најде засолниште во Унгарија, владата на Орбан му даде азил.

Случајот Груевски не беше единствениот. Во 2024 година, поранешниот бразилски претседател Жаир Болсонаро се засолни во унгарската амбасада во Бразил, плашејќи се да биде уапсен откако му беше одземен пасошот. Исто така, полскиот политичар Марцин Романовски, обвинет за корупција и злоупотреба на службената положба, побегнал во Унгарија и таму добил заштита.

Иако Додик претходно тврдеше дека нема да бега, Унгарија се покажа како безбедно засолниште за водачите кои бегаат од судските процеси. Ако ситуацијата во БиХ ескалира и ако Додик оцени дека му се заканува апсење, не би било нереално да се замисли слично сценарио како тоа со Груевски.

Доаѓањето на ТЕК, нивната невообичаена операција и присуството на високотехнолошки возила, претходно користени за надзор и координација на специјалните операции, само дополнително ги зголемуваат сомнежите. Дали ова е само вежба или веќе се прават планови за можно бегство, останува да видиме, а одговорот би можеле да го дознаеме многу брзо.

Слични содржини