Русија утринава изврши масовен напад врз Украина, при што погодени се цивилна инфраструктура и станбена зграда во Харков, соопшти градоначалникот Игор Терехов. Според него, во нападот се повредени најмалку пет лица, а на местото на ударот избувнал пожар.
„Оштетена е и блиската станбена зграда, од која жителите се евакуираат“, изјави Терехов, пренесува Укринформ.
Во Харков биле слушнати две експлозии додека траела тревогата за воздушен напад. Во исто време, руски ракети погодиле важен индустриски објект во Тернопилската област, потврди шефот на регионалната воена управа, Вјачеслав Негода.
„Проектили удрија во индустриски објект, што може да доведе до ограничувања во снабдувањето со гас. Силите за противвоздушна одбрана успеаја да соборат еден непријателски проектил“, изјави Негода, додавајќи дека нема повредени и дека службите работат на санирање на последиците.
Воениот врв на Украина објави дека Русија утринава лансирала крстосувачки ракети „Калибр“ од Црното Море, како и ударни беспилотни летала. Поради тоа, во целата земја беше прогласена воздушна тревога.
Претходно, украинските воздухопловни сили информираа дека Русија подигнала бомбардери Ту-95, што е сигнал за можни нови напади.