Европската фудбалска организација УЕФА го објави својот традиционален финансиски извештај во кој се осврна на трошењето пари во фудбалот.
Најголем акцент беше ставен на сумата што клубовите ја трошат за плати на играчите. УЕФА смета дека овие суми се превисоки и дека таквата ситуација не е одржлива. Претседателот на УЕФА, Александар Чеферин ги повика клубовите да бидат повнимателни и порационални во трошењето.
„Додека повеќето клубови паметно ги трошат своите пари, истото не може да се каже и за другите. Сите трошоци рапидно растат, што става уште поголем притисок врз ликвидноста на клубовите. Клубовите мора да останат претпазливи бидејќи има уште многу работа пред да се вратиме во ерата пред пандемијата“, се вели во изјавата на Чеферин.
Клубовите во првите лиги потрошиле неверојатни 18 милијарди евра за плати во сезоната 2023/2024, што е зголемување од 6,5% во споредба со претходната сезона. Најголем проблем е значителниот број на клубови за кои платите се убедливо најголем извор на трошоци.
Во Белгија и Турција, клубовите трошат 86-88% од буџетот за плати, а најлоша е ситуацијата во Грција, каде клубовите трошат над 90% од буџетот за плати. Најмногу за плати минатата сезона потроши ПСЖ кој на своите играчи им плати дури 658 милиони евра. Следат Манчестер Сити и Реал Мадрид со 554 и 505 милиони.