Пратеникот од коалицијата „Европски фронт“ и член на Алијанса за Албанците, Елми Азири го повика претседателот на Собранието, Африм Гаши, да се откаже, според него, од подмолните игри и сценарија на ВМРО-ДПМНЕ, Левица и СДСМ за деблокирање на Законот за бранители, повикувајќи се со наредби кон Комисијата за социјална политика, демографија и млади.
„Доколку сака да ја деблокира само дотичната комисија, нека направи нешто друго, да свика пленарна седница, заедно со мнозинството, да го укине заклучокот и интерпелацијата против претседателката на комисијата Илире Даути, а потоа по предлог на пратеничката група на Европскиот фронт повторно да ја избереме г-ѓа Даути за претседателка на комисијата.
Од Европскиот фронт нема да испратиме никаков друг предлог и нема да прифатиме ниту една друга мрачна игра што Гаши ја подготвува со своите господари за да го шверцува Законот за бранители туку го повикуваме да не се обидува да го прави ова со кој било друг пратеник со тоа што ќе го постави за претседател“, рече Азири во изјава од Собранието.
Според него, денешниот обид да се свика седница на Комисијата за социјална политика го потврдува токму она што од почетокот го предупредувале дека, како што велат, разрешувањето на Даути од парламентарното мнозинство, со предлог ставен на дневен ред од Гаши, има за цел да го отвори патот за деблокирање на Законот за бранители.
Азири денеска го повика спикерот „да се вразуми“ и „да се повлече од овие сценарија“.
Во Собранието не се одржа седницата на Комиијата за социјална политика, демографија и млади, со која требаше да претседава пратеникот од Европскиот фронт Бејџан Иљаз. Тој беше назначен од претседателот на Собранието да раководи со седницата на Комисијата, но одби да го стори тоа, со образложение дека не бил консултиран. Иљаз беше отсутен од Собранието, но во изјава за медиумите рече дека и да бил на работа, немаше да ја води седницата.
Инаку, измените на Законот за посебните права на припадниците на безбедносните сили што ги предложи СДСМ ги опфаќа семејствата на загинатите или починати припадници на Армијата и на Министерството за внатрешни работи (МВР), како и семејствата на загинатите во хеликоптерската несреќа кај катлановско Блаце во 2008 година, загинатите припадници на МВР во авионската несреќа во која загина претседателот Борис Трајковски Трајковски, хеликоптерската несреќа во Струмица во 2014 година, во Диво Насеље во 2015 година и на починатите и загинати во вршење на службени должности во периодот од 1991 до 2024 година.
Со измените се предлага и еднократното обесштетување од 80 000 евра да се исплаќа на еднакви делови на членовите на семејството, а доколку родителите се починати, рамномерен дел од надоместокот да добијат браќата, сестрите и другите наследници.