Собранието денеска во рамки на 38. седница ја изгласа Предлог одлуката за објавување на јавен конкурс за именување на членови на Програмскиот Совет на Македонската радио телевизија, како и таа за именување на член на Државната комисија за одлучување во управна постапка од работен однос и инспекциски надзор во втор степен.
Кандидатите за членови на Програмскиот совет на МРТ, како што се наведува во предлогот на пратеникот Ѓорѓија Сајкоски до претседателот на Собранието, треба да бидат државјани на Република Северна Македонија со високо образование, да имаат работно искуство од најмалку осум години во струката, кои се истакнале во областа на комуникологијата, новинарството, информатиката, културата, економијата или правото, од значење за Програмскиот совет.
Кандидатите доставуваат изјава заверена на нотар дека ги исполнуваат условите од ставот 1 на оваа точка, односно од членот 117 став (2) од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и документи како докази со кои ќе го докажат нивното исполнување.
Во предлогот се додава и дека кандидатите за членови на Програмскиот совет на МРТ кои учествуваат на јавниот конкурс се должни да достават кандидатура во која детално го наведуваат своето работно искуство и писма на поддршка од: најмалку две граѓански организации кои се активни подолго од пет години во областа на унапредувањето на човековите права, медиумите и демократијата и кои постигнале релевантни резултати во областа во која дејствуваат или најмалку едно новинарско здружение или најмалку две здруженија од областа на културата (здруженија на ликовни уметници, писатели, филмски работници и слично) или релевантно здружение, асоцијација или комора од областа на информатичкокомуникациски технологии и услуги или најмалку две високо-образовни установи кои имаат студиски програми од областа на комуникологијата, новинарството, уметноста, економијата или правото.
Кандидатите треба да достават акти за основање и регистрација на организациите, здруженијата и установите кои дале поддршка за нив и документи дека ги исполнуваат барањата од ставот 1 на оваа точка.
При кандидирањето треба да се има предвид членот 119 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги кој се однесуват на тоа кој не може да биде член на Програмскиот совет на МРТ, односно на неспоивост на функции.
Кандидатите, се додава во предлогот, со кандидатурата доставуваат изјава заверена на нотар во која наведуваат дека ги исполнуваат сите услови за спречување на конфликт на интереси од членот 119 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.
Кандидатите за именување на членови на Програмскиот совет на МРТ се пријавуваат во рок од 15 дена од денот на објавувањето на оваа одлука во „Службен весник“.
На денешната седница беше усвоен и предлогот за именување на директорот и заменик-директорот на Агенцијата за администрација. За директор е именувана Љубица Карманди Попчевски, а за заменик-директор Мухамед Красниќи.
На парламентарната седница беа прифатени измените на Законот за реализација на инфраструктурни проекти за изградба на патна делница Миладиновци – Штип и патна делница Кичево – Охрид во прво читање.
Донесен беше и Дополнетиот предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за технолошки индустриски развојни зони, второ читање. Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски рече дека е суштински закон за кој сите иницијативи од пратениците биле прифатени. Клучно нешто, како што истакна, е што со изгласување се добива правна рамка за уште поголемо привлекување на странски инвестиции.
– Ова е еден суштински закон, со кој што ќе продолжиме во насока на „агресивно“ привлекување на странски директни инвестиции. Ова е законско решение на кое изминатиот период доста работеше директорот на Технолошко индустриски развојни зони Гоце Димовски заедно со една група на пратеници. Имаше доста широка консултација, со оглед на тоа дека беше донесен во редовна постапка и самото законско решение кое пристгна во Собранието, претрпе доста измени, што треба да се поздрави, бидејќи сите иницијативи, кои што беа предложени од пратениците влегоа во ова законско решение, рече Стојановски.
Нагласи дека минатата година завршила со рекордно ниво на странски директни инвестиции во износ од една милијарда и двесте и педесет милиони евра, од кои во последните два квартала, како што посочи, има сериозно поместување, од кои во последниот квартал 400 милиони евра, а само во декември минатата година имало странски директни инвестиции од 168 милиони евра.
Ова законско решение, како што истакна пратеникот, уредува и сложени градежни односи, кои претставувале регулаторна гилотина од страна на инвеститорите. Стојановски додаде дека административно се поедноставуваат многу процеси и дава можност самите инвеститори нивната комуникациска мрежа, која ја имаат внатре во зоните да биде легално инсталирана.
-Досега ако сте сакале како инвеститор да инсталирате оптичка мрежа за да имате интернет, тоа не било опфатено никако со ниту еден закон и биле принудени креативно да се снаоѓаат, но во овој момент со ова законско решение даваме можност сите овие односи внатре да бидат правно регулирани, а потоа даваме уште една можнот оние инвеститори, кои што се наоѓаат на 50 километри од индустриските технолошко развојни зони да може да мигрираат внатре, но притоа институцијата која ги регулира овие зони да одлучи на каков начин може да се доделува помошта, рече Стојановски.
Нагласи и дека со ова законско решение се отвора пат за многу сериозни инвестиции од неколку стотини милиони евра.
Донесена беше и Предлог програмата за одбележување годишници на значајни настани и истакнати личности за 2025 година, за која Велика Стојкова Серафимовска од ВМРО-ДПМНЕ рече дека има мултиетнички карактер. Пратеникот Реџеп Исмаил од Левица упати критики кон одредени делови од програмата, меѓу кои и делот што се однесува на јубилеј на ансамблот Илирида, барајќи доработка и отстранување на спорните делови.
Пратеничката Дијана Тоска од ДУИ истакна дека не станува збор за терористичка, криминална, националистичка организација, туку за организација која промовира народни песни и ора, која имала успеси и почитувана традиција, културен ансамбл и која е амбасадор низ светот и јубилејна десетгодишнина.
Пратениците го донесоа и Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за електронски комуникации, второ читање.
На денешната парламентарна седница беа усвоени, по скратена постапка, извештајот за работата на Агенцијата за пошти за 2024 година, измените на Законот за спортот, измените на Законот на Државниот испитен центар, измените на Законот за шумите и измените на Законот за спречување перење пари и финансирање на тероризам.
Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, по скратена постапка не помина, бидејќи како што појасни потпретседателот на Собранието, Антонијо Милошоски, ќе го разгледаат штом се создадат деловнички можности.