Владеачката коалиција поднесе интерпелации за петмина членови на Судскиот совет заради недоследно спроведување на надлежности, нарушување на угледот на судиите и намалување на довербата во правосудниот систем. Веќе е изгласана недоверба на Весна Дамева, Павлина Црвенковска и Селим Адеми од страна на народните избраници. Пратениците од владеачкото мнозинство ги образложуваат причините од говорницата. Велат дека ова е клучен момент за владеење на правото. Истакнуваат и дека интерпелациите не значат политички пресметки туку прв чекор кон демонтирање на коруптивниот систем создаден од претходната власт. Наведуваат и дека се работи за „освестување“. Се очекува разрешување на уште двајца судии. Во Собранието се уште трае дебатата и гласањето.
Идејата за разрешување беше најавена уште пооддамна, иако првично од Владата посакуваше целосно распуштање на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители. Сепак премиерот Христијан Мицкоски најави дека ја почнува борбата „удар во чело“ на правосудството. Што да очекуваме – кроше, директ или аперкат по интерпелациите? Универзитетскиот професор, Гордан Калајџиев не е оптимист за позитивни ветришта по ваквиот развој на настаните. Во изјава за „Локално“ вели дека со избрзани решенија само ќе си ја чукаме главата сите.

Гордан Калајџиев
-Особено ако се покаже дека реформата е замена на нивните со нашите. Не постојат брзи решенија за системски проблеми. Најбрзи резултати може да се постигнат само ако политиката ги тргне рацете од судството, ама тој филм нема да го гледаме, посочи Калајџиев.
Од друга страна, постои мислење и дека секој носител на јавна функција е подложен на јавна критика и на јавна контрола. Според адвокатот, Владо Бангиевски, секој член на Судскиот совет мора да дава јавна отчетност за своето работење, бидејќи неговата работа е од јавен интерес. Тврди дека со оглед на најавените интерпелации на дел од членовите на Судскиот совет, зависно од тоа како ќе тече расправата по однос на нив, очекува во случај на усвојување на интерпелациите, членовите на Советот, на кого се однесуваат истите да поднесат неотповикливи оставки и како израз на висок морален чин.
Запрашн дали интерпелациите се чекори кон подобрување на состојбите или смена „наши“ со „ваши“, Бангиевски посочува дека досега на тасот на Јустиција најмногу се ставаа „подобни“ судии и тоа мора да прекине.

Владо Бангиевски
-Мора до израз да дојде квалитетот и профсионалноста во судството. Таму има и многу чесни и професионални судии, кои за жал не доаѓаат до израз заради еден куп други влијанија и проблеми кои постојат во нашето правосудство, оценува адвокатот во разговор за „Локално“.
Од партиите од опозицијата, Левица ги поддржаа интерпелациите, додека СДСМ и ДУИ ја напуштија собраниската седница. Интерпелациите за петте членови немаат обврзувачко дејство за разрешување. Се укажува дека нема доверба во нивната работа, по што останува на нив доколку чувствуваат потреба, сами да поднесат оставка од својата функција.
Советот е составен од 15 члена, од кои осум члена ги избираат судиите од своите редови, петмина ги избира Собранието од кои двајца на предлог на Претседателот на државата. По функција членови на Советот се претседателот на Врховниот суд и министерот за правда, кои учествуваат во работата на Советот без право на глас.
Петмина од членовите од редот на судиите беа избрани минатата година. Во декември судиите Аритон Ала од Апелацискиот суд Скопје и Данка Ристова од Апелацискиот суд Штип, претходно во септември беше избрана судијката Џенета Бектовиќ од Основниот кривичен суд Скопје како член на советот од редот на судиите припадници на заедниците, кои се помалку од 20 проценти од населението во државата, додека во јуни нови членови станаа судиите Исамедин Лимани од Врховниот суд и Александар Камбовски, од битолското апелационо подрачје.
Останатите тројца членови на Советот од редот на судиите се судијката Антоанета Димовска избрана во јули 2023 година, судијата Ивица Николовски избран септември 2022 и Ханиф Зендели избран во јануари 2020 година.
По предлог на Претседателот членови на Советот се Весна Дамева, избрана во декември 2019 година и Миљазим Мустафа избран во јули 2019 година.
Членовите на Советот кои се бираат од Собранието се Тања Чачарова-Илиевска избрана во декември 2021 година, Павлина Црвенковска избрана во декемри 2020 година и Селим Адеми избран во декември 2019 година.
Интересно за споменување е што Лога уште лани излезе со иницијатива за распуштање на сегашниот состав на Судскиот совет по контроверзните случувања во ова тело, но и по анкетата на ОБСЕ во којашто голем дел од судиите не веруваат независноста на Советот.
За ова, во јуни 2023 година, рече дека разговарал со и со власта и со политичките партии.
-Тоа што се случи во Судски совет сите не загрижува и го осудуваме тоа. Очекувам враќање во нормала. Едно од можните решенија, за кои разговарам и со политичките партии и со власта, е со законски преодни одредби да имаме престанок на мандатот на сегашниот состав на ова тело, изјави тогаш министерот за правда во заминување.
Холандскиот амбасадор во земјава, Дирк Јан Коп, кој претходно го нарече судскиот совет нелигитимно тело, лани истакна дека амбасадата останува на ставот за советот, како и дека очекуваат надлежните органи да ги преземаат сите мерки за распуштање на членовите.
Судскиот совет се соочуваше со голем број критики во јавноста. Сè почна со писмото на Амбасадата на САД, во кое беа изразени загриженоста и разочараноста при постапувањето на судовите. Потоа почнаа караниците на седниците.
Н.П.