Тажна вест доаѓа од САД – почина Улис „Џуниор“ Бриџман, поранешен НБА играч и успешен бизнисмен. Бриџман одигра 12 сезони во НБА, настапувајќи за Милвоки Бакс и Лос Анџелес Клиперс, а кариерата ја заврши во 1987 година.
Иако беше почитуван на теренот, вистинската слава ја стекна надвор од него, градејќи империја која го направи еден од најбогатите поранешни спортисти, веднаш зад Мајкл Џордан.
Бриџман беше дел од легендарниот Фајнал-фор тим на Универзитетот Луисвил во 1975 година. По завршувањето на кошаркарската кариера, вложи во ресторански франшизи, прво со купување на „Вендис“, а подоцна проширувајќи ја својата деловна мрежа на стотици ресторани низ САД. Понатаму, стана и сопственик на фабрика за флаширање на Кока-Кола, со што дополнително го зголеми своето богатство.
Во негова чест, легендарниот центар Шекил О’Нил се прости со емотивни зборови:
“Сè што правеше, јас се трудев да направам сам, да го следам неговиот шаблон… Ова навистина ми се погоди, бидејќи тој е некој на кого се угледував. Да не беше Бриџман, немаше да знам што да правам, од каде да почнам. Ми откри тајни, ја отвори книгата и стана мој многу драг пријател,, изјави Шекил О’Нил.
Со неговото заминување, спортот и бизнисот изгубија вистински визионер.