ВМРО-ДПМНЕ ја обвинува претходната власт поради тоа што еден од обвинетите за случајот со мазутот доби куќен притвор. Поточно ги обвинуваат дека поставиле „свои судии и обвинители кои наместо да ги гонат криминалците, ги пуштаат на слобода со домашен притвор“.
-Синот на омилениот пратеник на Филипче, Исмаил Јахоски, за кој има основано сомнение дека е дел од оваа шема, добива само одземен пасош. Нема вистинска истрага, нема вистинска правда – само заштита за блиските на врвот на СДС и ДУИ. Кој се штити со оваа одлука? Во истата мрежа се бизнис партнери на внукот на Али Ахмети, луѓе од највисоките ешалони на ДУИ и СДС. Додека граѓаните се гушат од загадениот воздух, криминалните елити на овие партии се богатат од трговија со опасни супстанции, стои во партиското соопштение.
Сепак, според партијата на власт, најголемиот скандал е бегството на Васко Ковачевски, екс-директорот на ЕСМ.
-Наместо да одговара пред институциите, тој денес е во бегство, додека неговите покровители од власта прават сè за да го заштитат, сметаат од партијата од „Белата палата“.
Кривична пријава за вкупно 13 лица, 11-мина се уапсени, еден е во бегство, друг во притвор. Се сомничат дека сториле кривични дела поврзани со увоз на сомнителни набавки на деривати кои нанеле огромна штета на животната средина, здравјето на луѓето, а преку фиктивни договори за позајмици направиле милионска штета врз државниот буџет. Се гонат за злоупотреба на службената положба и перење пари.
Од МВР соопштија дека по насоки на надлежниот јавен обвинител, ќе продолжат со преземање на понатамошни полициски активности за обезбедување дополнителни докази за случајот и евентуални други кривични дела.
-По прoизнесување на Јавниот обвинител и осомничените во присуство на нивни бранители, во однос на предложените мерки, како и ценење на приложените факти, го прифати предлогот на Јавниот обвинител со кој на Р.К., А.М. и Е.С. им определи мерка притвор во траење од 30 дена, а заради постоење на основите од чл. 165 ст.1 т. 1 и 2 односно Опасност од бегство и Околности кои укажуваат дека ќе ја попречи истрагата со влијание на сведоци. Во однос на осомничениот А.Ј., по произнесување на осомничениот пред судија на претходна постапка Јавниот обвинител се согласи за промена на предлогот за определување мерка притвор со предлог за определување на мерка куќен притвор, што беше прифатено од Судијата на претходна постапка, информираа од ОЈО.
Во текот на завчерашниот ден во координирана акција на БЈБ, МВР и ОЈОГОКК беа приведени Капушевски и Јахоски, сопственици на РКМ Енерџи и Пуцко Петрол. Поранешниот директор на ЕСМ, Ковачевски веќе е во бегство и е баран за вмешаност во случајот „Адитив“.