78% од докторите во Македонија биле жртви на насилство – Комората бара итни мерки

од Љубиша Владимиров
28 прегледи

На 12 март, Европскиот ден за подигање на свеста за насилството врз лекарите и здравствените работници, Лекарската комора на Македонија се приклучи на повикот за итни мерки за заштита на здравствените професионалци.

„Во изминатата 2024 година, во Комората се пријавени само четири напади врз доктори. Во еден случај имаше физички напад, во два случаи се работи за вербален напад со закани, а во еден случај доктор беше изложен на навреди на социјалните мрежи. Во сите случаи, нападите беа извршени од пациенти или нивни блиски,“ информираат од Лекарската комора.

Според меѓународни истражувања, повеќе од 60% од здравствените работници во Европа биле изложени на некаква форма на насилство. Во анкетата на Лекарската комора од пред три години, 78% од македонските лекари изјавиле дека биле жртви на насилство, од кои 80% вербално, а 6.8% физички.

Претседателката на Лекарската комора, професор доктор Калина Гривчева Старделова, нагласува дека е неопходно носителите на одлуки да преземат решителни чекори за спречување на насилството во здравствените установи.

„Никој не треба да се плаши за својата безбедност додека пружа медицинска помош. Европскиот ден за подигање на свеста за насилството врз здравствените работници е потсетник дека насилството не смее да биде дел од здравствениот систем,“ изјави Гривчева Старделова.

Комората бара доследна примена на законите за заштита на здравствените работници, зголемени безбедносни мерки во болниците, психолошка поддршка за жртвите на насилство, како и кампањи за подигнување на јавната свест за важноста на довербата меѓу лекарите и пациентите.

Слични содржини