Зеленски: Украина никогаш нема да ги признае окупираните територии како руски

од Milan1
51 прегледи

– Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска изјави дека Украина никогаш нема да ги признае окупираните територии како руски.

„Нема да признаеме ниту една територија окупирана од Русија. Тоа е факт. Нашиот народ се бореше за ова, нашите херои ги дадоа своите животи… Значи, никој нема да го заборави ова. Кога велам дека никој нема да заборави, тоа се нашите главни црвени линии“, рече Зеленски на прес-конференција.

Тој истакна дека државата нема да дозволи никој да го заборави ова злосторство против Украина.

Украинскиот лидер истакна дека доколку Русија ги отфрли предлозите дадени за време на средбата на украинската и американската делегација во Џеда, Киев смета на силни американски чекори за притисок врз Русија.

„Колку што разбрав, можеме да сметаме на силни чекори од САД кон руската страна. Се уште не ги знам деталите, но зборуваме за санкции и зајакнување на Украина“, рече Зеленски.

Тој истакна дека на преговорите во Џеда, украинската и американската делегација разговарале за сите важни теми и дека разговорот бил многу конструктивен.

„Потоа, поддршка дадоа нашите европски колеги, кои исто така ги поддржаа нашите сериозни чекори за ставање крај на војната. И тие рекоа дека топката е на теренот на Русија. И ова е факт. Затоа мислам дека санкциите или другите чекори за притисок врз Русија ќе зависат од американската страна. Од нивниот дијалог со руската страна. Ако разбирам правилно, чекорите се мир преку сила“, изјави Зеленски, а пренесува украинскиот „Интерфакс“.

„Доколку Русите покажат дека се подготвени за понудата на Америка, исто како и ние, тогаш ќе има соодветни решенија“, додаде Зеленски.

Тој нагласи дека Украина е подготвена за целосен прекин на огнот за 30 дена, како што предложи американската делегација, но „никој од нас не им верува на Русите“.

„Се постави токму ова прашање: дали Украина е подготвена да преземе чекори кон прекин на огнот на целата нејзина територија? Повеќе пати нагласив дека никој од нас не им верува на „Русите“. Поминавме низ ова. Но, нема да си играме со наративите кои Русија ги има и ги шири низ светот, дека не сакаме војната да заврши“, истакна Зеленски.

Слични содржини