Запрашан за името и презимето на еден обвинител кој, според него, се однесувал „шокантно“ по акцијата за канцерогениот мазут и дали пријавил во соодветните институции за да се покренат постапки, премиерот Христијан Мицкоски оцени дека новинарите знаат за кој обвинител станува збор.
-Јас сум сигурен дека вие новинарите знаете за кое име станува збор и очекувам тоа да биде во насловите на вашите соопштенија. На тој што му стоеја на ушка на една слика, рече Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања.
Премиерот во својот одговор индиректно мислеше на првиот човек на ОЈО ГОКК, Ислам Абази. Во ноември 2022 година беше објавена семејна слика од Абази со Фекри Ахмети, брат на Али Ахмети и татко на Дрин Ахмети. Сликата покажува дека се на некоја семејна седенка во опуштена атмосфера. За фотографијата, Абази тогаш кажа:
„По однос на другите фотографии, мојот родител живее во Зајас и потекнуваме од Зајас. Зајас е село. Се случува заедно да бидеме поканети на иста свадба или настан. Таа фотографија е на свадба кога сме повикани, сме се сретнале со тие луѓе. На тие средби не збориме за предмети или политика туку за фамилијарни работи“.
Премиерот вчера не сакаше да ги коментира мерките што ги изрече кривичниот Суд против осомничените за увоз на мазут со сомнителен квалитет, потсетувајќи на степенот на доверба во судството. Во изјава за медиумите рече дека треба да се почека да заврши истрагата за да може да ги коментира сите основани сомневања за коишто овие лица ќе бидат обвинети.
-За мене се алармантни информациите што ги добивам, а што се поврзани со однесувањето на првиот човек на едно обвинителство кога слушнал за акцијата што ја спроведуваше Министерството за внатрешни работи и Бирото за јавна безбедност пред два дена. Навистина сум шокиран како се однесувал тој човек и како продолжува да се однесува. На нив не им е местото таму, ако сакаат да бидат дворско-партиски забавувачи, тогаш нивното место не е во Обвинителството, туку во оние големи хациенди изградени во Западна Македонија. Доколку сакаат навистина да имплементираат правдина, тогаш треба да го сменат своето однесување. Тоа што го слушнав како тој човек се однесувал, мислам дека многу скоро од денеска ќе се кае, но тогаш се плашам дека ќе му биде доцна, кажа Мицкоски.