Даути до ВЛЕН: Убедете ги владините партнери заедно да го донесеме законот за поранешните припадници на УЧК

од Nikola Popovski
88 прегледи

Поранешната претседателка на Комисијата за социјална политика, демографија и млади, пратеничката Илире Даути, соопшти дека денеска повторно е свикана седницата на оваа комисија, притоа потенцирајќи дека предлог-законот за бранителите не може да се додаде на дневен ред бидејќи рокот е истечен согласно Деловникот.

Даути ја повика коалицијата ВЛЕН да ги убеди партнерите од владејачката коалиција заеднички да го изгласаат најавениот закон за поранешните војници на УЧК.

„Пратеничката од ВЛЕН знае дека и да сака да додаде нешто како точка, не може, од причините што ги наведов погоре. Така да не можат повторно како кога Африм Гаши и сите пратеници од ВЛЕН се погрижија точката да помине на пленарна седница, отворајќи го патот да дојде до Комисијата њо која јас тогаш раководев…Го имате готов аргументот: С. Македонија има само еден буџет што ни припаѓа на сите подеднакво“, додала Даути.

Даути беше разрешена од Собранието поради непочитување на Собранискиот деловник со неставање на Законот за правата на бранителите на комисиска расправа и самоволна одлука да ги лиши пратениците од дебата за него. Интерпелацијата беше поднесена од пратениците на Левица. Со 61 глас „за“, 22 „против“ и ниеден „воздржан“, пратениците ја изгласаа интерпелацијата на претседателката Даути. ВЛЕН гласаше „против“, а пратениците на СДСМ не присуствуваа на седницата.

Пратеничката од коалицијата ВЛЕН, Имерлије Салиу, која првично одби да претседава со Комисијата за социјална политика, но денеска ја води седницата, преку статус на Фејсбук пред два дена јасно го кажа ставот на ВЛЕН за Законот за бранители.

-Секоја тенденција за повторно активирање на воведувањето на „Законот за бранители“ на дневен ред е залудна. Ставот на коалицијата ВЛЕН и мојот став како член на Комисијата за социјална политика, демографија и млади веќе и е познат на јавноста. БЕЗ ВКЛУЧУВАЊЕ НА ПРИПАДНИЦИТЕ НА УЧК, овој закон нема да помине, објави Салиу.

Слични содржини