Шукова: Јавниот превоз мора да биде во фокусот на новиот градоначалник на Скопје, БРТ треба повторно да се разгледа

Доколку партијата одлучи, ќе ја прифатам кандидатурата за градоначалник на главниот град, вели поранешната министерка за животна средина за „Локално“.

од Љубиша Владимиров
118 прегледи

Доколку партијата одлучи да бидам нивен кандидат, јас тоа ќе го прифатам, изјави за „Локално“ поранешната министерка за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова за можноста да биде кандидат за градоначалник на град Скопје од редовите на СДСМ.

Шукова потврди дека во моментов се спроведуваат анкети за општините каде што СДСМ ќе има свои кандидати за градоначалници, по што ќе следат анкети за град Скопје, кои ќе дадат проекции за тоа кој би можел да биде кандидат за градоначалник. Таа потврди дека нејзиното име се наоѓа на листата на можни претенденти.

„Сè уште не сме правеле анкети за град Скопје, во моментов ги работиме анкетите по општините, така што сè уште не е пуштена анкета за град Скопје. Моето име е меѓу споменатите во јавноста,најверојатно останува едно од можните имиња, но секако, анкетите ќе одлучат. Во овој момент не можам да кажам ништо поконкретно, но доколку партијата одлучи, јас ќе прифатам да бидам кандидат“, изјави Шукова.

На прашањето што треба да биде во фокусот на следниот градоначалник на главниот град, Шукова одговори дека градските власти мора да се фокусираат на одржувањето и обновувањето на постојната инфраструктура во Скопје, покрај новите инвестиции. Според неа, одржувањето на булеварите, улиците, зеленилото, зградите, како и водоводната и канализациската мрежа, треба да биде приоритет на идната градска администрација.

Шукова смета дека најголем дел од буџетот на градот во првата година треба да биде насочен кон животната средина, бидејќи, како што нагласи, ова прашање не може да чека.

„Мора да се осврнеме на она што го имаме во Скопје како инфраструктура. Сметам дека односот кон веќе изграденото е многу несериозен и дека прво треба да работиме на негово обновување. Покрај сериозниот проблем со отпадот и јавниот превоз, санацијата на градот е нешто што мора сериозно да се работи. Не е фер кон граѓаните да нудиме само листа на нови инвестиции, а да не се грижиме за она што веќе го имаме, бидејќи инфраструктурата забрзано пропаѓа. Одржувањето мора да биде во фокусот. Без разлика кој ќе биде градоначалник, прво треба да се зафати со санација. Паралелно со тоа, неопходни се неколку капитални инвестиции, но и поголемо вложување во енергетската ефикасност на јавните и приватните објекти. Само така ќе можеме да ја зачуваме енергијата што ја произведуваме и да го намалиме загадувањето на воздухот. Сметам дека најголем дел од буџетот на градот во првата година треба да се насочи кон заштита на животната средина. Бидејќи работам повеќе од 20 години на проблеми во оваа област, сметам дека ова треба да биде приоритет кој не може да чека“, изјави Шукова.

Таа истакна дека сериозно треба да се работи на јавниот превоз во Скопје, кој, според неа, мора да биде еден од приоритетите на градската власт. Таа нагласи дека проектот за брзиот автобуски превоз (БРТ) треба повторно да се разгледа и прилагоди.

„Јавниот превоз мора да биде во фокусот. Сметам дека проектот за брзиот автобуски превоз, БРТ, треба повторно да се разгледа. Тоа е сериозен проект што може да претрпи мали модификации, но е еден од начините за подобрување на јавниот превоз во Скопје. Паралелно со тоа, неопходно е да се заменат постојните автобуси со нови. Ова што се случува во Советот на Град Скопје – 25-26 пати да се одбие одлуката за набавка на еко-автобуси – е несериозно. Тие што не се возат со јавен превоз не знаат во каква состојба е. Јас се возам со градски превоз. Откако немам функција, на работа одам со автобус и гледам во какви услови се наоѓа јавниот превоз – итни интервенции се неопходни. Паралелно со БРТ, мора да се набават нови автобуси кои ќе ги покријат деловите што нема да бидат дел од овој систем. Само така може да се обезбеди квалитетен јавен превоз за граѓаните“, заклучи Шукова.

Таа потврди дека програмата на СДСМ за претстојните избори ќе биде значително поразлична од претходните и дека ќе се фокусира на решавање на конкретни проблеми со кои се соочуваат граѓаните на Скопје, вклучително и проблемот со бездомните животни.

„Работиме на програма и проекти кои ќе бидат значително поразлични од порано. Ќе бидат опфатени капитални проекти, а ќе се работи и на подобрување на состојбата со уличните животни. Можам да потврдам дека програмата ќе биде разновидна и ќе таргетира голем број проблеми“, заврши Шукова.

Д.Ѓ.

Слични содржини