Уапсен е Александар Карадакоски, сопственикот на фирмата ММММ Кафе Доел Кочани, која стопанисуваше со дискотеката „Пулс“, објави „Телма“.
Компанијата има блокирана банкарска сметка и е основана на 29 мај 2020 година. Карадакоски е и директор на компанијата. Според последните податоци, компанијата во 2023 година била во губиток од околу 3.000 евра.
МВР во координација со Јавното обвинителство досега осомничи повеќе од 20 лица во врска со трагедијата во Кочани. Околу 15 лица се во полиција, а дел од осомничените починале, а дел се хоспитализирани, изјави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
„Четворица осомничени се во болница. Двајца членови на бендот, синот на сопственикот на дискотеката и управителот на правното лице што управуваше со дискотеката. Некои од уапсените во полициската станица се лица кои според собраните докази се директно одговорни за овој криминален настан. Уапсен е и еден од организаторите на настанот, за кој се сомневаме дека е еден од одговорните“, рече Тошковски.
Приведени се и поранешниот државен секретар во Министерството за економија, раководителот на сектор во Министерството за економија, поранешниот директор на Дирекцијата за заштита и спасување и тројца вработени во таа управа.
Фото: Facebook