Сите пациенти повредени во трагедијата во Кочани се во релативно стабилна состојба, а оние кои беа испратени на лекување во странство се сместени во болниците и нивната состојба е под контрола, изјави утрово министерот за здравство Арбен Таравари.
Тој информираше дека сите пациенти кои беа сместени во болниците во Кочани и Штип се префрлени во Скопје за да добијат подобар медицински третман. Сепак, министерот укажа на нова состојба – се јавуваат пациенти кои досега не побарале лекарска помош.
„Сите пациенти што беа донесени во болниците се во стабилна состојба, исто како и тие што беа пренесени надвор од државата – вкупно 51 пациент. Но, сега се јавуваат нови случаи, лица кои вчера не побарале лекарска помош. Сакам да упатам апел до сите кои биле на трагичниот настан во Кочани, а не се пријавиле, да го сторат тоа денес. Без разлика дали имаат симптоми или не, нека се консултираат барем со матичен лекар“, изјави Таравари.
Директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, го дополни министерот, нагласувајќи дека сите кои во моментот на пожарот се наоѓале во дискотеката во Кочани треба да се јават на лекарска контрола.