Покрај веќе најавениот електричен модел ES5 (има електромотор со 170 КС), MG подготвува уште еден електричен SUV кој треба да ја носи ознаката ES4.
Поконкретно, ES4 се најавува како „ново енергетско возило“, што значи дека треба да биде опремен со целосно електричен мотор, како и со plug-in хибриден погон.
MG вели дека овој компактен SUV е модел за „глобален пазар“ и треба да пристигне во Европа подоцна оваа година.
Кинески извори велат дека ова ќе биде „првиот глобален модел на брендот во 2025 година“ и дека моментално е подложен на тестирање на ниски температури во регионот Хаилар во Кина.
Иако големината на овој SUV на MG сè уште е непозната, најверојатно ќе биде во сегментот на теренци од околу 4,2 или 4,3 метри, па би требало да им конкурира на моделите како Kia EV3.
Официјалните податоци се уште не се познати, но неофицијално се очекува дека електричната верзија на ES4 би можела да добие електромотор со 125 kW/170 КС, како и батерии од 49,1 и 62,2 kWh (во моделот ES5 тоа е доволно за автономија од 425 до 525 km по CLTC циклус).