Портпаролката на Владата, Марија Митева денеска на прес конференција ја информира јавноста за преземените активности на надлежните институции по завршување на денешната владина седница.
Како што вели, на територија на државата извршени се околу 50 контроли во текот на 16 и 17.03. 2025 година во угостителски објекти коишто имаат лиценца за работа која се однесува на кабаре, ноќен клуб, диско-клуб и диско-клуб на отворен простор.
„Во моментот на надзорот субјектите не вршат дејност, што е разбирливо поради прогласената седумдневна жалост. Но, врз основа на податоците со коишто располага Државниот пазарен инспекторат и остварени контакти со одговорните лица на самите угостителски објекти, се обезбедени документи коишто се потребни за надзорот да биде извршен. Согласно овие контроли на увид се приложени лиценци за вршење на угостителска дејност коишто се со важност и тие се 22 на број на цела територија на државата, но има и 15 лиценци коишто се со истечена важност“, вели Митева.
Како што додава, во Скопје има 13 објекти, од кои само 2 поседуваат важечки лиценци (за кабаре), 8 имаат истечени лиценци, а 3 објекти немаат никаква лиценца.
„Во Куманово има 3 објекти, сите со важечки лиценци за кабаре. Во Штип, Виница и Делчево по еден објект е регистриран како кабаре и сите поседуваат важечки лиценци. Во Струмица има 4 објекти: 2 со важечки лиценци за диско-клуб, 1 со важечка лиценца за диско-клуб на отворен простор, а 1 со истечена лиценца. Во Гевгелија имаме еден објект со истечена лиценца. Во Велес има еден објект со важечка лиценца за диско-клуб. Во Битола има четири објекти – три со важечки лиценци за кабаре, а еден со важечка лиценца за диско-клуб на отворен простор. Во Прилеп има два објекти, и двата се со истечени лиценци. Во Кавадарци има еден објект со важечка лиценца. Во Велес има еден објект со важечка лиценца за кабаре. Неготино еден објект со истечена лиценца. Во Охрид има четири објекти – два со важечки лиценци, еден со важечка лиценца за диско-клуб, а еден објект е без лиценца. Во Кичево има еден објект со важечка лиценца за кабаре. Во Гостивар има еден објект со истечена лиценца. Во Тетово има шест објекти, од кои за четири нема податок, а два се со истечени лиценци“, вели Митева и додаде.
„Дополнително, сакам ја информирам јавноста дека денес Државниот пазарен инспекторат е на терен и се проверуваат сите 22 објекти коишто имаат важечка лиценца дали ги исполнуваат минимум технички услови коишто се потребни за да ја добијат таа лиценца. Заедно со останати надлежни институции за тоа ќе излеземе со дополнителни информации откако ќе заврши целиот надзор којшто тие го прават“.