Во скопскиот Градски парк, попладнево, стотина млади лица се собраа за со едночасовен молк да оддадат почит на жртвите од пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, каде загинаа 59 лица, а околу 200 лица се здобија со повреди.
Собирот беше најавен на социјалните мрежи од групата „Студентски пленум“ за во 16:30 часот, а едночасовниот молк започна во 16:59. Насобраните не дадоа изјави за медиумите пред почетокот на молкот.
За утре се најавени уште два собири во Скопје. Независниот студентски сојуз на УКИМ за утре во 13 часот ги повика сите студенти на пленум на платото пред Универзитетот. Движењето „Кој е следен“, пак, за утре во 18:59 часот повика на протест на Плоштадот „Македонија“ во Скопје.
„Денес, на лажни профили и преку пропагандни медиуми, беа објавени видеоснимки со цел да ја поврзат нашата иницијатива ‘Кој е следен?’ со еден онлајн-разговор помеѓу група студенти и девојка од Србија.
Ве известуваме дека нашата иницијатива нема никаква поврзаност со тој повик, ниту сме биле вклучени во какви било разговори за формирање на нови студентски организации. Доволно е да се погледне самата снимка – името ‘Кој е следен?’ не се споменува ниту еднаш, а нашето лого е аматерски и намерно вметнато во аголот на видеото“, соопштија денеска меѓу другото од движењето откако дел од медиумите утринава објавија видео снимка од ЗУМ состанок на кој се договараат активностите во врска со барањето одговорност за пожарот во Кочани.