Волц ја презеде одговорноста за грешката со воените планови за Јемен

од Nikola Popovski
44 прегледи

Американскиот советник за национална безбедност, Мајк Волц рече дека ја презема „целосната одговорност“ за вклучувањето на главниот уредник на Атлантик, Џефри Голдберг во приватен разговор на високо ниво на апликацијата за пораки, Сигнал, во кој се разговарало за воените планови на САД.

„Ја преземам целосната одговорност. Јас ја создадов оваа група. Мојата работа е да се погрижам се да биде координирано“, изјавил Волц во интервју за „Фокс њуз“.

На прашањето како го добил телефонскиот број на Голдберг, Волц изјавил дека бројот на новинарот случајно бил наведен под друго име, односно името на личноста која планирал да ја вметне во групата на Сигнал.

Белата куќа претходно потврди дека главниот уредник на Атлантик по грешка бил вклучен во високо доверлив групен разговор со група високи американски функционери, посветен на нападите врз јеменските Хути.

Ова несомнено се смета за еден од најсериозните безбедносни неуспеси во поновата американска воена историја.

Новинарот Голдберг во понеделникот во подолга статија откри дека однапред преку Сигнал добил детален план за нападот извршен од американската војска на 15 март против оваа бунтовничка група во Јемен.

Голдберг објаснува дека во овој групен разговор имало вкупно 18 луѓе, меѓу кои, според него, државниот секретар Марко Рубио, потпретседателот Џеј Ди Венс, директорот на ЦИА, Џон Ретклиф и секретарот за одбрана, Пит Хегсет.

Слични содржини