„Вреди“ се приближува кон заеднички настап на локалните избори, Таравари предлага одделни советнички листи

од Даниел Ѓорѓиевски
84 прегледи

Партиите од коалицијата „Вреди“ имаат преовладувачко мислење дека треба да настапат заедно на локалните избори во октомври, изјави денеска од Тетово лидерот на Беса, Биљал Касами.

Според него, единствено Арбен Таравари од Алијансата за Албанците има поинаков став во однос на советничките листи.

„Тој смета дека со одделно настапување секоја партија би освоила повеќе гласови, што би значело поголем легитимитет на локалните избори. Но, останатите субјекти во коалицијата веруваат дека нивната вредност е поголема кога се обединети. Сега останува Алијансата на Албанците да донесе одлука дали ќе биде дел од коалицијата или ќе настапи самостојно“ изјави Касами на брифинг со новинарите.

Иако постојат различни мислења, тој нагласи дека во коалицијата „Вреди“ нема поделби што би довеле до конфликти, туку се водат конструктивни дебати.

„За разлика од претходните процеси, каде имаше дури и физички пресметки во рамки на одредени партии, кај нас доминира идејата за заеднички настап. Се разговара, има различни ставови, но на крајот верувам дека ќе донесеме заедничка одлука и ќе настапиме обединето и со кандидати за градоначалници и со советнички листи“ истакна Касами

Тој откри и дека Беса ќе предложи кандидати за градоначалници во Тетово и Желино, додека Чаир ќе биде резервиран за партијата на Изет Меџити, а Гостивар за партијата на Арбен Таравари.

Слични содржини