Владата бара фирма која ќе направи софтвер за „прес клипинг“ односно софтвер што ќе ги собира објавените вести и ќе ги категоризира како позитивни, негативни или неутрални а во периодот кога беше прогласена седумдневна жалост склучила договор вреден околу 370 илјади евра со две компании за мерење на рејтингот кај граѓаните.
Во огласот објавен на бирото за јавни набавки за прес клипинг, не е наведена сумата односно буџетот кој Владата планира да го потроши за софтверот и стои дека ќе го користат триесетина државни институции и министерства а треба да се собираат вестите по претходно договорени зборови или термини од телевизиите, печатени медиуми, он лајн медиумите односно порталите и социјалните мрежи.
Софтверот треба да генерира дневни извештаи кои најдоцна до 9 часот наутро наредниот ден мора да бидат доставени.
Услови во тендорот на Влада: Дневен извештај кој треба да содржи, листа на теми и клучни зборови, вкупен број на објави според вид на медиум, дата на објавата, име на медиумот, страница, наслов на објавата, автор на објавата, линк до оригиналната содржина, содржина во 3 до 4 реда, рубрика, времетраење на објавата.
Владата ќе добие и 24 часовен веб пристап до објавите со алатки за пребарување и обележување на клучни зборови во објавата но и со можност за оценување на медиумските објави во однос на позитивна, негативна и неутрална конотација.
Крајниот рок за пријавување на заинтересираните компании е 4 април.
Минатата среда, три дена по трагедијата во Кочани, пак Владата за сума од 22,8 милиони денари односно 371 илјади евра со Маркет Вижн и ИПСОС кои во наредните две години треба да го мерат рејтингот на Владата кај граѓаните. За оваа сума компаниите се должни да изработат едно истражување на национален примерок, осум квартални истражувања кај граѓаните, осум квартални истражувања, односно мерење на рејтингот кај бизнис секторот на секои три месеци како и две брзи истражувања на рејтингот на национално ниво.