Казна од 200 илјади евра за загадувањето на Крива Река

од Nikola Popovski
280 прегледи

По извршен вонреден инспекциски надзор на ден 24.03.2025 година, од страна на Државниот инспекторат за животна средина, утврдено е дека од страна на БУЛМАК 2016 ДООЕЛ Пробиштип, подружница Рудник Тораница, Крива Паланка согласно член 212-став (1) точка 16 и став (2) од Законот за животна средина е сторен прекршок од трета категорија при што гореименуваниот сторител е согласен за поведување на постапка за спогодување согласно Законот за животна средина пред Комисијата за спогодување при Министерството за животна средина и просторно планирање.

-Имено, според известување од страна на БУЛМАК, на 14.03.2025г., во период од 06:30 до 07:00 часот се случи инцидент поради пукање на цевка преку која се доведува технолошката вода од таложникот за јамски води до погонот флотација, која не содржи хемиски средства бидејќи е истечена пред да дојде во погонот на флотација и содржи само механички онечистувања, односно е заматена. Булмак извести дека во меѓу време дефектот се санира и е сопрено истекувањето на водата. Со потпишување на записник сторителот се согласува за поведување на постапка за спогодување согласно член 212-г од Законот за животната средина, велат од МЖСПП.

Предвидената прекршочна глоба за големи трговци согласно регистрацијата во Централен Регистар на РСМ во овој случај за правниот субјект е максимална и изнесува 180-000 до 200.000 евра во денарска противвредност, односно максимални 10.000 евра во денарска противвредност за одговорното лице.

Министерот Изет Меџити испрати јасна порака дека нема толеранција за загадувачите:

“Законот мора да се почитува. Секој што ќе ја загрози животната средина ќе се соочи со санкции, без исклучок. Инспекциските контроли ќе продолжат со засилено темпо, а Министерството ќе инсистира на целосна транспарентност и одговорност. Ова е само еден од многуте чекори што ги преземаме за да обезбедиме чиста и безбедна околина за сите граѓани“.

Општина Крива Паланка за денес свика вонредна прес-конференција за медиумите на која ќе признае дека истекол цијанид во Крива Река од рудникот „Тораница-булмак“. Долготрајни последици се очекува да има и по посевите на соседната општина Ранковце.

Еко-активистите подолго време вршеа притисок врз локалните власт тоа да го признаат откако на 14 март пукна цевка од флотацискиот дел на еден од најголемите рудници во земјата за олово и цинк и се излеа опасна течност. Алармот се вклучи откако реката доби заматување и сива боја.

Слични содржини