На вчерашните внатрепартиски избори, Венко Филипче беше повторно избран за лидер на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) со 18.001 глас. Оваа бројка е значително помала во споредба со претходниците на Филипче; Зоран Заев доби околу 60.000 гласа, а Димитар Ковачевски 38.000. Овие разлики во поддршката предизвикуваат сериозни прашања за легитимитетот на Филипче како лидер, особено во контекст на падот на партијата. Дали 18.001 глас е доволен за да се смета дека Филипче има легитимитет меѓу гласачите и дали оваа бројка одразува реалната поддршка на членовите на партијата во моментот кога СДСМ се соочува со значителни предизвици и кризата во сопствените редови?
За вчерашните внатрепартиски избори во СДСМ и легитемитот на старо-новиот претседател Венко Филипче „Локално“ побара мислење од политичкиот аналитичар Џелал Незири и новинарот Бранко Героски.
Според Незири бројот на гласачи кои го поддржале Венко Филипче се јасен показател за падот на партијата и кризата со која се соочува. Незири истакна дека Филипче добил само 10% од гласовите што ги имаше на последните парламентарни избори, што според него го отвора прашањето за неговиот легитимитет да ја води партијата.
„Заев беше избран со околу 60 илјади гласа, Ковачевски со околу 38 илјади, а вчера Филипче со 18 илјади. Овие бројки се јасен показател за падот на партијата и за кризата со која се соочува. За Филипче гласаа само 10% од гласовите добиени на последните парламентарни избори, со што ќе се отвори и прашањето дали Филипче навистина има легитимитет да ја води партијата“ изјави Незири.

Џелал Незири
Незири истакна дека за Венко Филипче да успее на локалните избори, треба да ја обедини распарчената идеолошка левица. Незири посочи ќе биде потребно време да се оцени дали Филипче има визија и капацитет за такво обединување. Тој предупреди дека ако СДСМ не покаже тенденција на раст на локалните избори, партијата може да ја доживее судбината на ПАСОК во Грција.
„За да успее на локалните избори, Филипче треба да ја обедини распарчената идеолошка левица, што би значело коалиција која под еден чадор ќе ги собере СДСМ, ЛЕВИЦА, ЗНАМ, но и синдикатите. Дали Филипче има визија и капацитет за тоа, ќе покаже времето. Ако на локалните избори СДСМ не покаже тенденција на раст, тогаш ќе ја има судбината на ПАСОК во Грција“ изјави Незири.
Според Незири, не може со сигурност да се тврди дека на средбите помеѓу Христијан Мицкоски и Венко Филипче имало прагматични договори за лични интереси. Сепак, тој истакна дека неисполнувањето на темата за уставни измени, кои се клучни за спроведување на францускиот предлог, остава многу прашања без одговор.
„Не можеме со сигурност да тврдиме дека на средбите Мицкоски-Филипче имало прагматични договори за лични интереси, се додека немаме докази за тоа. Но, индикативно беше неисполнувањето на темата за уставни измени за спроведување на францускиот предлог, кој е главен предуслов за продолжување на преговарачкиот процес за членство во ЕУ. Дали СДСМ се откажува од договорот со Бугарија, дали веќе евроинтеграциите не ѝ се приоритет, или пак се согласиле да делуваат во неформална и необјавена коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, тоа останува да се види“ завршува Незири.
Од друга страна Героски смета дека проблемот со легитимитетот на новоизбраниот претседател на СДСМ не произлегува од бројките, кои не се импресивни, туку од начинот на избор. Геровски нагласува дека непосредните избори за партиски лидер со еден кандидат претставуваат контрадикција сами по себе. Според Геровски, членовите на партијата имале „избор“ да гласаат за Филипче, да го пречкртаат неговото име или на друг начин да го направат гласачкото ливче неважечко, што е спротивно на основното разбирање на поимот демократски избори. Тој потсети на примерот со Тито, кој, како што вели, при своето време на избори имал проформа противкандидати.

Бранко Героски
„Проблемот со легитимитетот на новоизбраниот претседател на СДСМ не произлегува од бројките, кои не се импресивни, туку од начинот на избор. Непосредните избори за партиски лидер, но со еден кандидат, се контрадикција сами по себе. Членовите на партијата имаа ‘избор’ или да гласаат за Филипче, или да го пречкртаат неговото име, или на друг начин да го направат гласачкото ливче неважечко. Тоа е спротивно на основното разбирање на поимот демократски избори. Дури и Тито, кога своевремено бил избиран на функции, имал проформа противкандидати. Тоа не било случајно“, смета Героски.
Героски истакна дека СДСМ е партија која сериозно ослабна пред последните изборни порази. Според него, причините за ова ослабнување се стеснувањето на кадровската основа, султанското раководење и лошото практикување на власта. Геровски смета дека се потребни итни промени во партијата за да се обнови довербата кај членството и да се подготват за идните избори.
„СДСМ е партија која сериозно ослабна пред последните изборни порази, главно поради стеснувањето на кадровската основа, султанското раководење и најмногу поради лошото практикување на власта. Без темелна кадровска, организациска, програмска и идеолошка преобразба, таа партија не може да се надева на успех на ниту едни народни избори. Не знам како би можело таква реформа да спроведат луѓе кои го доведоа СДСМ на ова дереџе“, изјави Героски.
Геровски изрази сомневање дека ВМРО-ДПМНЕ под водство на Христијан Мицкоски има било каков договор со Филипче или со неговиот ментор, Зоран Заев, за да ги заштити. Според Геровски, не постои сериозен мотив за таков договор.
„Инаку, не верувам дека ВМРО-ДПМНЕ под водство на Христијан Мицкоски има било каков договор со Филипче или со неговиот ментор Зоран Заев за да ги заштити. Не гледам сериозен мотив за таков договор“, завршува Героски.
Д.Ѓ