Односите се добри и комуницираме, но сите треба да знаат ВЛЕН е антипот на ДУИ и коалиција што победи на минатите избори и ја донесе долгоочекуваната промена во албанскиот корпус. Работиме на тоа промената да се почувствува целосно и тоа да биде до крај, изјави денеска еден од лидерите на ВЛЕН и министер за животна средина, Изет Меџити за превирањата во владеачката коалиција и најавите дека можно ВЛЕН да остане без еден од нивните лидери – Арбен Таравари.
Меџити смирува дека ВЛЕН продолжува понатаму и дека разговараат со сите субјекти во коалицијата да останат заедно и тоа да се преточи во партија која што ќе ги претставува Албанците на локалните изобри.
-Единствениот кој што има дилеми и гледа како можна опција – соработка со ДУИ е господинот Арбен Таравари. За тоа него ќе го прашате. Мислам дека ВЛЕН доби 107 илјади гласови како коалиција и како спротивност на ДУИ. Никој друг нема дилеми, освен Таравари. Тој треба да расчисти со дилемите. Соработка меѓу ВЛЕН и ДУИ е неприродна, кажа денеска Меџити.
Околу листите за локалните избори, министерот истакна дека ставот на сите во ВЛЕН е да имаат заеднички листи, заеднички кандидати и заеднички штаб, програма и платформа. Некаде, доколку е потребно, според анализите, може да поддржат и независни кандидати.
Меџити не ја исклучува можноста да дојде и до владина реконструкција пред локалните избори. Теоретски вели можно е откако ќе се направат проценки.