Жерновски: „Размена“ на Куманово за Центар е алиби и стратегија за пораз

ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ коваат стратегија за Центар: „Било кој кандидат за градоначалник прво треба да се извини за Скопје 2014 па потоа треба да размислува како ќе бара поддршка од граѓаните“

од Nikola Popovski
595 прегледи

Помалку срамежливо, но веќе почнуваат партиските комбинаторики во пресрет на локалните избори. Дел од партиите се растрчани и прават анализи како најдобро да настапат пред граѓаните со својата понуда и програма. Вчера дел од медиумите објавија дека е можна владина реконструкција пред изборите, но со ефект кој би се одразил на евентуалниот настап. Иако од ЗНАМ веднаш демантираа, името на Максим Димитриевски проструи во јавноста дека би бил можен нов министер за одбрана, а ВМРО-ДПМНЕ да бара поддршка од ЗНАМ за нивниот кандидат за градоначалник на Куманово, додека за возврат би дале поддршка на кандидатот на ЗНАМ за општина Центар која се смета за една од најпосакуваните општини во земјава.

Се поставува дали ова е единствениот начин ВМРО ДПМНЕ да ја врати општината под „своја капа“, ако земеме во предвид дека најголем од спомениците од проектот „Скопје 2014“ се на територија на Центар. Според екс-градоначалникот на општината, Андреј Жерновски, интересни се комбинаторики на најголемата владеачка партија.

-Повеќе ми изгледа дека прават стратегија што ако не го добијат Центар, меѓутоа се согласувам дека стратегијата се прави и за тоа да се добијат гласовите од оние кои што се незадоволни поддржувачи на СДСМ итн. Мислам дека овде игра алибито, но ќе видиме дали е тоа точно, со оглед дека потоа дојде демант (од ЗНАМ). Времето ќе покаже колку е тоа сето ова точно, оценува Жерновски во изјава за „Локално“.

Во јавноста се шпекулира и со името на актуелниот градоначалник Горан Герасимовски. Дел од јавноста шпекулира дека се „одметнал“ од СДСМ и дека планира да се кандидира и без „амин“ на раководството на партијата. Жерновски посочува дека нема таква информација, но, смета дека е одлична одлуката на раководството на СДСМ да го изгради својот став преку анкети.

-Што поблиску сте до мислењето и ставот на граѓаните како партија, толку ви се поголеми шансите за победа на изборите, без разлика дали станува збор за парламентарни, локални или претседателски. Анкетите се тие кои што треба да пресудат, ако сме паметни и мудри, тогаш финалниот збор треба да го дадат гласачите, објаснува екс-градоначалникот.

Во однос на тоа дали се очекува проширување и наградување на „Скопје 2014“, во зависност од резултатите на локалните избори, Жерновски објаснува дека имавме најави од премиерот дека ќе се довршат дел од проектите и дека ќе продолжи таквиот тренд.

-Сметам дека било кој кандидат од ВМРО-ДПМНЕ или ако е од ЗНАМ, во зависност од очекувањата за поддршка на изборите, прво треба да се извини за „Скопје 2014“ па потоа треба да размислува и настапува за евентуална поддршка од граѓаните на Центар, но, се надевам дека што и да се случи дека Центар и граѓаните ќе си останат на вистинската страна, заклучува Жерновски.

Од ЗНАМ вчера информираа дека владиното мнозинство е стабилно и нема преговори за размена на ресори со коалициониот партнер ВМРО-ДПМНЕ. Порачаа дека ќе настапат со свои кандидатски листи за советници на локалните избори, а во однос на градоначалничките места се преговара со коалициониот партнер за истакнување на кандидати по одредени општини, каде поддршката од двете партии ќе ја добие кандидатот на онаа што ќе биде истакнат за градоначалник уште во првиот круг од изборите. Што се однесува до Куманово, од движењето на Максим Димитриевски велат дека ќе имаат свој кандидат за градоначалник, а допрва ќе се обелодени неговото име.

Проектот „Скопје 2014“ го иницираше ВМРО-ДПМНЕ, во времето кога премиер беше Никола Груевски. Проектот, чија изградба започна во 2010 и требаше да чини 80 милиони евра, ги подели граѓаните и го смени „личниот“ опис на градот. Претходната влада предводена од СДСМ, целиот проект го замрзна – немаше пари ниту за уривање, ниту за дислоцирање на повеќето споменици. Во меѓувреме останаа да зјаат недовршени зградата на ЕСМ, фасадата на „Пелагонија“, новите згради на Факултетот за физичка култура и ФИНКИ и други објекти. Десетици згради по пребегнувањето на Груевски во Унгарија и смената на власта во 2017 година останаа недовршени и неупотребени.

Премиерот Христијан Мицкоски во август 2024 година рече ова прашање како скопјанец многу го засега и оти бара начин за голем дел од тие објекти да се завршат. Но, пари за нив годинава во ребалансот на буџетот не се предвидени.

„Не се предвидени од проста причина што се уште анализираме да видиме каков е правниот статус. Бидејќи дел од тие објекти се приватни инвестиции. Сега, не можеме ние како држава и тие приватни објекти да ги санираме. Но, секако со инвеститорите би сакале да разговараме, да работиме, тоа да се заврши. Да видиме што можеме да помогнеме.Откако ќе ја завршиме таа анализа, бидете сигурни дека веќе во буџетот за следната година, тоа што е работа на државата ќе биде завршено“, изјави тогаш премиерот.

Новата Влада беше формирана на 23 јуни 2024 година, по парламентарните избори од 8 мај, на кои до тогаш опозициската ВМРО-ДПМНЕ освои убедлива победа над СДСМ и ДУИ. По изборите, ВМРО-ДПМНЕ има 58 пратеници во Собранието, ВЛЕН доби 14 пратенички места, а ЗНАМ освои шест мандати. Опозициските ДУИ и СДСМ освоија по 18 пратенички места. Уште шест пратеници се на партијата Левица.

Н.П.

Слични содржини